Аменореја (amenorrhoea) е состојба која се одликува со изостанување на менструацијата во рок од најмалку шест месеци. Физиолошката аменореја претставува нормално изостанување на менструацијата во периодот пред пубертет, во текот на бременоста, за време на доењето и по менопаузата.
Патолошката аменореја се дели на примарна и на секундарна. Кај примарна аменореја пациентката никогаш немала менструација. Кај секундарна аменореја отсуството на менструација е во текот на 6 последователни месеци или ако менструалниот циклус е подолг од нормално, отсуство на 3 последователни менструални циклуси. Во практиката, границата помеѓу различни состојби не е секогаш толку остра.
Кај примарната аменореја потребни се понатамошни иследувања доколку: не се јавиле знаци на пубертет до возраст од 13 до 14 години или не се јавила менструација до возраст од 16 години, останатите знаци на пубертет се развиваат нормално.
Кај 45% од случаите причина е иреверзибилно оштетување на овариумите; често и без знаци за пубертет. Најчесто е поврзано со хромозомални абнормалности, на пример, Тарнеров синдром; други оваријални нарушувања (дисгенезии); кај 15% од случаите причината потекнува од централниот нервен систем; често без појава на пубертет; тумор на хипофизата (често пролактиноми), други тумори на мозокот, инсуфициенција на хипофизата, Kallman-ов синдром; кај 13% од случаите причината е физиолошка, пубертетските промени најчесто отсуствуваат.
Причини се и конституционално доцнење; анорексијата; прекумерни физички вежби. Во 17% од случаите причината е структурална; развојот на пубертетот е нормален. Ретко станува збор за трансверзален вагинален септум, отсуство на цервикс или агенезија на утерусот, синдром на несензитивност на андрогени, на пример, кај XY жени, женски надворешни генитални органи и женска конституција, кратка вагина, отсуство на внатрешните генитални органи.
Кај 10% од случаите примарната аменореја е причинета од некоја системска болест.
Системски болести може исто така да предизвикаат аменореја.