Апгар-тест е едноставна метода за брза проценка на здравствената состојба на детето веднаш по раѓањето. Тестот бил измислен од анестезиологот Вирџинија Апгар, која прв го спровела во 1952 година. Целта на Апгар-тестот е да го утврди ефектот на акушерската анестезија врз бебињата. Почетните букви од критериумите, на англиски јазик, го даваат името АПГАР: Appearance: изглед или боја на кожата, Pulse: пулс, Grimace: рефлексна раздразливост или
гримаса, Activity: активност или мускулен тонус, Respiration: респирации, односно дишење. Резултатот од Апгар-тестот (т.н. Апгар скор) е одреден преку оценување на новороденчето за пет едноставни критериуми на скала од нула до два, а потоа со собирање на добиените пет вредности. Резултатот може да биде од 0 до 10. На бебињата со збир меѓу 4 и 6 им е потребна реанимација, која најчесто вклучува вшмукување на содржината од дишните патишта и примена на кислород. На оние со збир помал од 4 им се неопходни подрастични методи за спасување на животот. Апгар-тестот обично се прави во првата и во петата минута по раѓањето. Но, доколку резултатите се ниски, тестот се повторува во 10 и во 15 минута. Нискиот резултат на
тестот во првата минута може да покаже дека новороденчето бара лекарска помош, но не мора да укажува на долгорочен проблем, особено ако резултатот се подобри во тестот во петата минута. Резултатот на Апгар, кој останува под 3 во подоцнежните времиња – 10, 15 или 30 минути, може да укаже на долгорочни невролошки оштетувања, вклучувајќи и
мало, но значително зголемување на ризикот од церебрална парализа. Сепак, целта на Апгар-тестот е брзо да се утврди дали на новороденчето му е потребна итна медицинска помош. Тој не е дизајниран да ги предвиди долгорочните здравствени проблеми.