Абортусот е намерен или спонтан прекин на бременоста. Спонтаниот абортус има тек сличен на породувањето и поретко е придружуван со компликации. Кај нас, под абортус најчесто се подразбира само намерен, посакуван прекин на бременоста – артефицијален абортус.
Право на поднесување на барање за прекин на бременоста има секоја трудница, деловно способна жена. Барањето се поднесува во гинеколошко-акушерска институција, со доказ дека бременоста не ја поминала 12-та недела и дека прекинот на бременоста нема непосредно да го загрози здравјето на жената. Гинекологот може да пристапи кон вршење на абортусот или да го одбие барањето, и тогаш трудницата се упатува на медико-етичка комисија за одлука за прекин на бременоста.
Доколку бременоста е постара од 12-та недела, задолжително се состанува комисија која е составена од гинеколози и социјален работник, која ќе одлучи дали абртусот ќе биде извршен. Инаку, според Законот за абортус, оваа интервенција ја врши лекар специјалист во здравствена установа која располага со соодветна медицинска опрема.
Прекин на бременоста после наведената недела, ќе се дозволи доколку има одредени причини, како што се: медицински – болест која може да го загрози животот на жената, како и етички и правно-криминогени – бременост предизвикана од силување или обљуба над немоќно или малолетно лице…; еугенике – биолошко-генетски фактори кои го оштетуваат плодот, заболување на мајката во првото тримесечие на бременост, како и социјални – лоша материјална состојба, поголем број деца…
Компликациите на абортусот може да се поделат на рани и доцни. Најрана компликација која се јавува се инфекциите. Инаку, под компликации се подразбираат долготрајно крвавење, останато ткиво по извршениот абортус, појава на постабортален синдром (крв во матката), перфорација, емболија, несупешен абортус, односно продолжена бременост, иако тоа се случува мошне ретко, како и компликациите при анестезијата.
Компетентни испитувањата покажале дека 3 до 5 % од жените, кои направиле абортус, како последица се соочуваат со неможност за забременување. Овој ризик е уште поголем, ако жената кога го направила абортусот имала некоја полово пренослива инфекција, во тој случај ризикот од запушување на јајцеводите е уште поголем. Треба да се има предвид дека абортусот може да создаде и сериозни психолошки последици, иако е одлука на жената да биде извршен.