Создавањето на новиот живот, односно зачнувањето е исклучително сложен процес, врз кој што влијаат многу фактори. За разлика од мажот кај кој сперматозоидите се создаваат постојано, жените се раѓаат со околу 450.000 јајце клетки во јајчниците. Во текот на плодниот период во животот на жената, од пубертетот до менопаузата, само околу 400 од нив ќе созреат и ќе бидат спремни за оплодување.
Бременоста настанува како резултат на пенетрација на женската јајце-клетка од страна на гаметот на мажот, т.е. сперматозонот, во процесот којшто во медицината се нарекува оплодување. Веднаш по фертилизацијата настанува нова клетка т.е. зигот. Соединувањето на машкиот и женски гамет вообичаено настанува преку сексуален однос.
Ослободувањето на јајце клетката се нарекува овулација. Откако ќе се ослободи, јајце клетката е способна за оплодување само во наредните 12-24 часа. Тоа е времето кога жената може да зачне. Овулацијата се случува обично околу 2 недели пред наредната менструација. За менструален циклус од 28 дена тоа е некаде околу 14-от ден, но ова не е правило.
При ејакулацијата кај мажот се исфрлаат десетици милиони сперматозоиди, но само неколку десетини од нив ќе стасаат до јајце клетката. Сперматозоидите можат да преживеат во јајцеводите 48-72 часа (понекогаш и повеќе). Така да до оплодување најчесто доаѓа ако сексуалниот однос бил 2-3 дена пред овулацијата или во текот на следните 12-24 часа.
Појавата на вештачка инсеминација и ин витро оплодувањето, исто така се покажа успешна во случај кога преку сексуален однос не доаѓа до оплодување.
Гестацијата, односно бременоста, трае 40 недели или 280 дена, или, пак, 10 лунарни месеци (лунарниот месец има 28 дена), па од тука се среќава дека бременоста трае до 42-та гестациска недела. Сепак, бременоста трае 9 календарски месеци. Дозволени се варијации од вкупно 5 недели – три пред и две по датумот предвиден за породување.
Породувањето претставува нормален природен процес кај жените со кој се раѓа дете. Мајката и бебето хормонално се поврзани и по породувањето преку ослободување на окситоцин од страна на мајката, хормон кој се ослободува преку доењето.