Бременоста е период во кој се развиваат инфекции поради промена на имунолошкиот систем. Од тука, на сите трудници им се препорачува да направат вагинален и цервикален брис, а ако пациентката има и други проблеми од типот на појачан секрет, се препорачуваат дополнителни брисеви на уреоплазма, микроплазма и кламидија.
Инфекциите во бременоста се сериозни затоа што може да предизвикаат спонтан абортус или предвремено породување.
Постојат два вида тестови – дијагностички и скрининг. Дијагностички се оние кои се однесуваат на земање брисеви и амниоцинтеза и многу се веродостојни во откривањето на одредени дефекти. Скрининг тестовите, ултразвук и земање крв и мокрача за анализа, помаагаат во откривањето на знаци за можните абнормалности.
Првиот тест кој го правите е тест за утврдување бременост, после кој следи гинеколошки преглед. Веднаш потоа следи ултразвучен преглед, кој до 8 – 9-та недела се прави вагинално, а потоа преку стомакот. Во зависност од тоа за каква бременост станува збор, прегледите ќе се прават уште 4- 5 пати во тек на бременоста, заедно со лабораториските анализи.
Контролниот преглед во 12-та недела е многу важен, бидејќи тогаш се прави т.н. Double тест- ултразвучен преглед и лабораториска анализа на крвта со која се проценува дали постои ризик од Даунов синдром, се испитуваат хромозомите кај бебето, евентуалните аномалии на срцето, дали постои носна коска, наборите на вратот и др. По потреба по овој тест се прави и Triple тест (по 15та недела). Тој ја открива веројатноста од присуство на даунов или Едвардов синдром т.е хромозомски аномалии. Овој вид тестирање се прави кај трудници над 37 години, или доколку имало слични проблеми со претходното дете или во блиското семејство е родено дете со хромозомско пореметување.
Во периодот околу 5- 6 ти месец, анатомијата на органите кај бебето може да се види на ултразвучен преглед. Секој понатамошен преглед е со цел следење на растот и развојот на бебето, но и вашето здравје. По 34-та недела се земаат брисеви и се вршат подготовки за породувањето.
Постапката на земање брисеви е безболна.