Како централно родилиште со околу 3500 раѓања на годишно ниво, повеќе од 600-ни бебиња се родени предвреме, што е серизна бројка на исклучително мали по старост пациенти, но и екстремно незрели пациенти, имајќи предвид дека третираме бебиња родени од 23 гестациска недела па нагоре. Токму затоа мораме да работиме на намалувањето на овие бројки преку превенцијата од предвемено породување, порача директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство проф. д-р Ирена Алексиовска Папестиев на прес-конференција по повод Светскиот ден на предвремено родените бебиња – 17 Ноември.
Лани во државата имало вкупно 604 предвремено родени бебиња, а оваа година бројот на предвремено родени бебиња изнесува 681.
– Со цел превенирање на предвремена бременост, во Клиниката за гинекологија и акушерство од крајот на оваа година ќе почне пилот студија за бесплатна скрининг програма за детектирање на пациентки кои што би развиле прееклампсија, а исто така во употреба е пуштен и интраклинички транспортен респираторен апарат за респираторна вентилација – информираше проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев.
Таа на прес-конференција за одбележување на Светскиот ден на прематуритетот посочи дека постојат повеќе ризик фактори за предвремено породување, меѓу кои е и загадениот воздух.
– Загадениот воздух претставува еден од ризик факторите, кои што во текот на бременоста можат да влијаат на предвремено породување. Се повеќе податоци од литературата говорат дека дефинитивно има влијание загадениот воздух, за да дојде до предвремени породувања, при што потоа овие пациенти ќе станат дел од интензивната нега, Еден од ризик факторите за предвремено породување е и возраста кај жената. Денес современата жена прво ја реализира кариерата, а потоа се посветува на завршување на репродуцијата. Еден од ризик факторите е токму ова бременоста после 35 годишна возраст. Тоа е така затоа што во таа возраст, кај мајката веќе постојат коморбидитети на некои органи, кои нас гинеколозите не принудуваат предвремено да ја терминираме бременоста, со цел да ја заштитиме мајката. Причини се и инфекции, како и повеќеплодова бременост – рече директорката на ЈЗУ У ГАК.
Проф. д-р Алексиоска Папестиев најави дека планот е оваа година Клиниката да се фокусира најмногу на прееклампсијата, затоа што во последните две децении се бележи континуиран пораст, за дури до 25 проценти. Во нашата држава од 16 000 раѓања, 800 до 1.280 пациентки имаат ризик за појава на преекламспија.
– Прееклампсијата најчесто е резултат на зголемување на старосната граница кога жената одлучува да ја реализира својата репродуктивна функција, при што пет до осум отсто од трудниците можат да бидат комплицирани со ова заболување. Прееклампсијата претставува заболување каде што имаме мултиорганско зафаќање на трудницата и се карактеризира со покачен крвен притисок и со протеинурија кај мајката. Многупати е придружена со компликации како за мајката, така и за плодот. За плодот, затоа што не принудува некогаш ние предвремено да ја завршиме бременоста и на тој начин да биде проследена со одредени компликации за овие недоносени дечиња – појасни проф. д-р Алексиоска Папестиев.
Директорката на ГАК информираше дека во употреба е пуштен интраклинички транспортен респираторен апарат за респираторна вентилација.
– За сите оние пак бебиња кои ќе не изненадат и ќе се родат предвреме клиниката обезбеди интраклинички транспортен систем за респираторна терапија на новородени кој е прв и единствен во земјава со чија употреба значително ќе се подобрат резултатите за време на „златниот час“ – првиот час по раѓањето на новороденчето, транспортната патека и престојот во Одделението за интензивна нега при неонатолошкото одделение. Овој медицински апарат е најнова иновација кој овозможува примена на вистинска заштитна стратегија за вентилација на белите дробови и мозокот, сè со цел да се спречат повреди на белите дробови, хемодинамски и невролошки оштетувања кај новороденчето – рече проф. д-р Алексиоска Папестиев.
Клиничкиот неонатолог педијатар Елизабета Петковска на прес-конференцијата објасни дека станува збор за најнов респиратор кој е последен модел, со најнова техника и којшто испорачува нежен начин на работа на белодобрието, заштита на мозокот и сите други органи и системи.
– Почетокот е многу важен кај новороденчињата. Затоа, искористувањето на првиот или така наречен „златен час“, односно стабилизација на новороденчињата е нешто што е најважно. На ОИНТ (неонатолошкото одделение за интензивна нега) применуваме центрирано фамилијарна нега, во која се имплементира и контактот на двата родители, со поставување на бебето на градите на едниот или на другиот родител. Со тоа, уште повеќе помагаме во подобрување на нерволошкиот и психолошкиот развој на бебето, на неговата стабилизација, и да има што помалку компликации во понатамошниот раст и развој – додаде д-р Петковска.
Според заменик министерот за здравство Јовица Андовски, имајќи предвид дека над 13 милиони бебиња се раѓаат предвременосекоја година, пристапот до квалитетна нега е клучен.
– Оваа бројка на светско ниво ни укажува дека преналитетот останува глобален проблем и водечка причина за смртност на децата до својата петта година, а дел од преживеаните деца ќе се борат со последиците до крајот на својот живот. Она што радува кај нас е фактот дека тимот на Клиниката за гинекологија и акушерство со макотрпна работа и сериозен, понекогаш и натчовечки труд и голема емпатија кон овие дечиња, а во соработка и со нивните родители, бележи огромни резултати – рече Андовски на прес-конференцијата по повод Светскиот ден на предвремено родените бебиња.
Тој информира дека статистиките кои од 2017 година покажуваа смртност на над 21 процент, годинава истите се намалени на 6,7 проценти, односно 2 проценти во прочистената перинатална смртност.
– Минатата година во државата имаме вкупно 604 предвреме родени бебиња, а оваа година до денес е 681. Во нив спаѓаат и оние кои освен што биле пред време родени, биле родени и со тешки физички деформации, како и извесен број на деца кои морале да бидат подложени на хируршки зафат. Во изминатиот период беше изгласан мастер планот за регионализација на перинаталната здравствена заштита, и овој мастер план е многу значаен, затоа што во него точно се утврдени траекторијата и начинот на превоз на високо ризичните бремени жени од која било точка, на територија на државата во Клиниката за гинекологија и акушерство. Исто така, со овој мастер план очекуваме во иднина и стапката на смртност понатаму да се намалува – рече заменик министерот Јовица Андовски.