За гестациска трофобластна болест може да се посомнева доколку кај трудницата се појави ненадејно вагинално крвавење или доколку по абортус или породување, лохиите перзистираат абнормално долго време. Дијагнозата се поставува врз основа на ултразвучен преглед и одредување на серумско β hCG.
Моларна бременост (Mola Hydatidosa) е болест на плацентата која се карактеризира со трофобластна хиперплазија и задебелени хорионски ресички во вид на грозје (хидатиформни). Хидатиформната мола може да биде комплетна или парцијална врз основа на генетските и хистопатолошките наоди. Доколку се остави нетретирана, може да пенетрира во миометриумот (инвазивна мола). Хориокарцином е малигна неоплазма на плацентата. Околу половина од сите хориокарциноми настануваат по комплетна мола хидатидоса, другите настануваат по парцијална мола, по терминска бременост, абортус или ектопична бременост.
Постои значителна варијабилност во честотата на гестациската трофобластна болест помеѓу различни региони во светот. Честотата е помала во западните индустриски земји, отколку во Африка или во Јужна Азија. Ризикот е зголемен кај жени на возраст под 20 или над 40 години. Анамнеза за претходна мола хидатидоза е ризик фактор за повторување на моларна бременост.
Вагинално крвавење е најчест перзистирачки симптом (во над 90% од случаите). При необјасниво и продолжено крвавење по губитокот на бременост или породување (лохии), потребно е одредување на β hCG за да се исклучи гестациска трофобластна болест. Ако пациентката има комплетна мола хидатидоса, утерусот е често поголем отколку што одговара за гестациската возраст. Високи β hCG концентрации може да бидат асоцирани со hyperemesis gravidarum или оваријални тека лутеински цисти. Кај комплетна mola hydatidosa и кај хориокарциномот, нивоата на β hCG се значително повисоки отколку кај нормална бременост. Кај парцијална mola hydatidosa, нивото на β hCG е често во границите на референтни вредости за нормална единечна бременост (< 200 000 IU/l), без видливи фетални структури. Кај комплетна мола, ултразвучениот наод е типично познат како „снежна виулица“, без присуство на фетални структури.
Метастази може да се развијат и кај мола хидатидоса и кај хориокарциномот. Најчесто метастазираат во белите дробови, така што кај пациентката може да биде присутна диспнеа и хемоптизија. Исто така, метастази може да се развијат во вагината, хепарот и во мозокот.
RCUI1 е метод на избор за отстранување (евакуација) на хидатиформната мола. Ако серумското β hCG не опаѓа како што се очекува по интервенцијата, се индицира цитотоксична хемотерапија.
Хемотерапијата е исто така индицирана и при перзистентно вагинално крвавење и при присуство на метастази. Хориокарциномот се третира со хемотерапија. По третманот на гроздеста мола, серумскато β hCG се мониторира секои 1-2 недели, додека не се нормализира, како и секои 1-2 месеци во текот на 6-12 месеци. За време на овој период, треба да се обезбеди сигурна контрацепција. Бидејќи ризикот за следна моларна бременост е зголемен, на почетокот од следната бременост е неопходен ултразвучен преглед. По третманот на хориокарциномот, серумското β hCG се испитува секои две недели во текот на 3 месеци, а потоа секој месец до крајот на првата година. По овој период, ризикот за рекурентност е помал од 1%.