По царскиот рез жените треба да бидат надгледувани директно од страна на соодветно обучен персонал се додека не си ја повратат силата, кардио- респираторната стабилност и можноста за комуницирање.
Здравствените работници треба да знаат дека иако е ретко, сепак се случува жените по царскиот рез да имаат потреба од интензивна нега (9 на 1000 случаи).
По будењето од анестезијата, опсервација на состојбата (респираторните фукнции, пулсот, крвниот притисок, болката, седацијата, крвавење) треба да се спроведува секои 30 минути во тек на првите два часа, а потоа на секој час, доколку истите се задоволителни. Доколку проверките не се стабилни, се препорачуваат почести надгледувања и медицински преглед.
Кај жените со општа анестезија, треба да има проверки на минимум еден час и тоа проверки на респираторните функции, седацијата и болката, и тоа најмалку 12 часа за диаморфин и 24 часа за морфин.
Кај жените кои имале епидурална анестезија, треба да се спроведуваат рутински проверки на секој час на респираторните функции, седација и болката во тек на целиот третман и најмалку два часа по неговото завршување.
Жените кои добро закрепнуваат по царскиот рез и немаат компликации може да јадат и пијат кога ќе почувствуваат глад или жед. Отстранување на уринарниот катетер треба да биде спроведено откако жената ќе биде подвижна по локалната анестезија, а не порано од 12 часа по последната доза.
Престојот во болница најверојатно ќе биде подолг по царскиот рез (во просек 3-4 дена) отколку по вагиналното породување (во просек 1-2 дена).
Здравствените работници кои се грижат за жените породени со царски рез кај кои има некои симптоми за страдање на уринарен тракт треба да ја земат предвид можноста од следниве дијагнози: инфекција на уринарниот тракт; стрес инконтиненција (се појавува кај околу 4 % од случаите на царски рез); повреди на уринарниот тракт (се случува кај 1 од 1000 случаи на царски рез).
Кај жените породени со царски рез постои поголем ризик од појава на тромбоемболиска болест, како длабока венска тромбоза, така и пулмонална емболија.