Со проектот „Добредојде бебе“, родителите имаат опција да го пријават раѓањето уште во болницата и таму да го добијат изводот.
Засега, на едно место се врши бесплатно пријавување на раѓањето на новороденчињата од петте родилишта во Скопје. За пријавување е неопходно еден од родителите да дојде на шалтерите за водење матични книги во скопското подрачно оделение на Управата, при што треба да приложи важечки лични карти, венчаница или изводи за родени од двајцата родители, доколку се признава татковството. Изводот од матичната книга на родени ќе биде готов и ќе се издава во рок од пет дена.
Договорете се пред да се роди…
Совет до родителите е уште пред да дојдат во родилиштето, да се договорат околу изборот за име на бебето, адресата и за здравственото осигурување на детето.
Моето име е…
Личното име на детето, значи името и презимето, спогодбено го одредуваат родителите. Ако мајката не сака да го означи таткото, таа сама го одредува името. Презимето се одредува според презимињата на едниот или на двајцата родители – тоа значи дека детето може да го носи презимето на мајката или на таткото или двете презимиња, ако се различни. Ако родителите имаат повеќе заеднички деца, на новороденото дете, најчесто, му се одредува презиме кое им го дале и на другите заеднички деца. Бројот на зборови од кои може да се состои личното име не е ограничен. Меѓутоа, ако родителите на детето му одредат лично име кое се состои од повеќе од три збора, должни се да одредат и скратено лично име.
Мојот дом…
Престојувалиштето на детето се пријавува според адресата на родителите. Ако родителите живеат на иста адреса, пријавата е автоматска. Ако, пак, не живеат на иста адреса, родителите прават избор на која адреса детето ќе биде пријавено.
Моето здравје…
Детето се пријавува за здравствено осигурување според активното осигурување на еден од родителите, по нивен избор.
Мојот татко
Ако родителите се во брак, татко на детето е сопругот на мајката. Ако не се, таткото е мажот чие татковство се утврдува со признавање. Признавањето на татковство се врши пред матичар, орган за старателство, јавен записничар или пред суд. Процедурата може да се заврши и без присуство на мајката, иако е потребно таа да даде согласност за тоа после породувањето.