Како резултат на ратификацијата на Истанбулската конвенција, во земјава се отворени три центри за упатување жртви на сексуално насилство- во Скопје, Тетово и Куманово. Тоа што е потребно е да се зголеми визибилноста на овие центри, за жртвите да бидат информирани што се прави на терен откако тие ќе пријават случај на сексуално насилство.
Хелсиншкиот комитет за човекови права и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство денеска во Граѓанскиот ресурсен центар одржаа настан наменет за подобрување на информираноста на пошироката јавност за постоењето и работата на центрите за упатување жртви на сексуално насилство.
Хелсиншкиот комитет за човекови права и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство денеска во Граѓанскиот ресурсен центар одржаа настан наменет за подобрување на информираноста на пошироката јавност за постоењето и работата на центрите за упатување жртви на сексуално насилство.
На отворањето на настанот, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, посочи дека државата почна да ги имплементира обврските од Истанбулската конвенција, но вториот чекор е да им се даде до знаење на жртвите дека постои некој што може да се погрижи за нив и што може да очекуваат ако пријават насилство. Таа се осврна на слабостите во пракса на кои е укажувано години наназад, како што е недоволната информираност на полициските и здравствените службеници, немањето 24 часовна услуга, проблемите со земање на докази поради недостигот на судски вештаци кои излегуваат на терен, како и неинформираноста на жртвите.
Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, сподели податоци од истражувања, кои покажуваат дека сексуалното насилство и неговите облици се едни од најмалку пријавуваните случаи на насилство, особено кога станува збор за силување во брак или од страна на интимен партнер. Според Димушевска, силувањето е кривично дело, но согласноста мора да се вклучи во Кривичниот законик и да биде единствен критериум за сексуалниот чин да се кваливикува како силување. Во однос на стигмата врз жртвите, која е особено изразена во помалите средини, таа посочи дека сторителот, а не жртвата, е тој што треба да биде обележан и да се санкционира.
На настанот се обрати и директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска, која нагласи дека неколку месеци по ратификацијата на Истанбулската конценција, државата воспостави центри каде е обезбеден интегриран и целосен одговор на жртвите. Јовановска посочи дека со воспоставувањето на центрите, заврши талкањето на жртвите по различни канцеларии и институции, каде беа приморани да ја повторуваат својата несреќна приказна. Во поглед на функционирањето на скопскиот Центар, директорката изјави дека на Клиниката се извршиле обуки за 40 вработени за клинички третман на жртвите во кризни состојби. Во првите најранливи и емотивни моменти, жртвата е третирана од стручен персонал, кој е свесен дека сексуално насилство може длабоко да ја погоди физичката, ментална и социјалната состојба на жртвата, а постои и грижа за да се увери жртвата дека нејзината приватност ќе биде заштитена.
По воведниот дел, следеше панел дискусија на која Нада Тофоска, координаторка на Центарот за жртви на сексуално насилство во Скопје, ги сподели искуствата со кои се соочуваат при работата во центарот. Во однос на предизвиците, таа посочи дека треба да се унапреди меѓусекторската соработка, да се планира одржливоста и доопремувањето на Центарот, како и да се изменат позитивните прописи со цел унапредување на процедурата (пр. обучен лекар да може да земе докази за форензика без налог од јавен обвинител, намалување на обемот на разговори на жртвата од полициски службеници).
Розалита Дојчиноска, полициски советник во Биро за јавна безбедност при МВР, појасни дека се работи на сензитивизација на полициските службеници, затоа што првиот контакт е најзначаен и мора да се постапува внимателно. Според неа, жртвите имаат потреба од поддршка, да се чувствуваат безбедно и мора да бидат запознаени со целокупната постапка за да се сведат непријатностите на минимум. Дојчиновска посочи дека е важна и превентивната работа, дека мора да се работи со граѓаните кои живеат во систем кој се уште е патријархален и дека треба да се подигне свеста дека зборот ,,НЕ’’ има соодветно значење.
Координаторката за еднакви можности во Министерството за здравство, Нермина Факовиќ,изјави дека речиси година дена од отворањето на центрите, се соочуваме со неинформираност за нивното постоење. Ова не е проект туку обврска на државата, нагласи таа, посочувајќи дека услугите во центрите се целосно бесплатни, а жртвата не мора да има со себе какви било документи или средства. Министерството, заедно со ХЕРА, прави анализи и за отворање и на други вакви центри во сите плански региони.
Наташа Станојевиќ, директорка на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, потсети дека порано со жртвите постапуваа дежурните тимови, но сега постои посебен оддел, со мешан стручен тим кој е достапен 24 часа, а постојат и специјално опремени простории за работа со деца. Станојевиќ посочи дека е зголемен бројот на жртви на семејно насилство, но тие ретко пријавуваат дека паралелно биле и сексуално злоупотребувани од брачниот партнер. Во однос на потребите за подобро функционирање, таа нагласи дека недостига повеќе кадар и дека е мал бројот на стручни едуцирани лица.
Настанот кој го модерираше Аделина Марку, е дел од активностите во рамките на проектот „Елиминирање на родовата нееднаквост, преку интервенции на институционално и дигитално ниво“ финансиран од шведската фондација Kvinna till Kvinna.