Предизвиците на модерното време, забрзаното темпо на работа, борбата за кариера, финансии, сето тоа го одложува донесувањето на одлуката кај паровите за создавање потомство. Од друга страна, промената на демографската карта и значителниот пораст на паровите кои се соочуваат со неплодност, водат до зголемување на потребата на техниките за асистирана репродукција.
Доколку покрај редовни полови
односи и без употреба на контрацептивни средства, не дојде до бременост во
период од 18 месеци, се препорачува паровите за започнат со испитувања и
лекување. Оптимален број на сексуални односи е четири неделно. Кај 85% од
двојките до оплодување доаѓа во текот на една година, а кај околу 10% двојки
нема бременост ни до три години.
При ин витро или вонтелесно оплодување, оплодувањето не се случува во телото на жената, туку надвор од неа. Првото ин витро оплодување е направено во седумдесеттите години на 20 век, а во поново време нашироко се користи. Причини поради кои оваа метода се користи за оплодување се непроодни јајчници, идиопатска или необјаснета неплодност, ендометриоза, неплодност поврзана со машкиот фактор итн.
Успешноста на ИВФ или ин-витро постапката зависи од повеќе фактори, меѓу кои е и возраста на жената. Генерално, кај жени до 35 година, успешноста е 30-35% во еден циклус, кај жени од 35-37 години е околу 25%, кај жени од 38-40 години е 15-20% и кај жени над 40 години успешноста во еден циклус се движи од 6-10%. Сепак, станува збор за статистика.
Ин витро техниката обично се применува кај парови, кај кои другите методи на потпомогнато оплодување немале успех. Треба да се има предвид дека се работи за скап и мошне исцрпувачки метод.
Воопштено, ин витро техниката се состои во употреба на хормонални препарати за да се предизвика созревање на повеќе јајце клетки, потоа јајце клетките се вадат од телото на жената, се оплодуваат во посебен сад со сперма од мажот и потоа зачнатиот ембрион се враќа во матката. Останатите ембриони можат да се замрзнат и да се употребат кога парот ќе одлучи за тоа.
40% од причините отпаѓаат на машкиот фактор – мажот, исто толку и кај жената, а кај останатите 20% причините се или кај двајцата партнери или едноставно станува збор на идиопатска неплодност.
Паровите кои размислуваат за ин-витро оплодување имаат безброј прашања и дилеми околу постапката и од тоа што да очекуваат со самата постапка. Доколку станува збор за парови кај кои не постојат посериозни пречки за оплодување, како на пример непроодни канали кај жената хормонски дисбаланс, намалена оваријална резерва или пак драстично намален број на сперматозоиди кај мажот, во тој случај прво се почнува со инсеминација на пациентката. На жената во одреден, плоден дел од циклусот кога докторот ќе оцени дека е најдобро време, директно и во матката и се вбризгуваат лабораториски обработени, прочистени и селектирани сперматозоиди.
Оплодувањето со ин-витро постапката може да се изведе на два начини: конвенционална инсеминација IVF метод или ICSI метод.
При конвенционалниот метод, оплодувањето на јајце клетките се врши скоро на природен начин, само што истото се изведува во специјални медиуми во инкубатор надвор од телото на жената. При ICSI методот, во лабораториски услови со посебен инструмент-микроманипулатор се селектира квалитетен смерматозоид и се вбризгува директно во јајце клетката. За една јајце клетка се селектира само еден сперматозоид.
Постапките за асистирана репродукција не запираат тука со овие две класични методи на ин-витро оплодување. Тука спаѓаат и други методи како:
- IVM или ин-витро матурација – се препорачува кај жени под 38 години, кои имаат полицистични јајници;
- Laser assisted hatching – дополнителна техника која има за цел да ја подобри ефикасноста на постапките за аситирана репродукција;
- PGD – преимплантациски генетска дијагноза кој се прави на самите ембриони пред истите да се вратат во матката на жената. Со оваа метода се откриваат генетски болести кај ембрионите и дава можност само здравите ембриони да се вратат во матката на жената;
- Замрзнување на ембриони – често во ин-витро постапката се добиваат поголем број на ембриони од кои според законот на Р. Македонија можат да се вратат најмногу 2. За останатите, доколку се со добар квалитет, се нуди опција истите да се замрзнат и да се чуваат во посебни услови во лабораторијата;
Донација на полови клекти – јајце клетки или сперматозоиди – се употребува кај парови кај кои е воспоставена дијагноза на траен стерилитет, било да е женски или машки, или во случаи да се избегне добивање на потомство со наследна болест.
Сите овие техники и опции за ин-витро оплодување, па дури и инсеминациите кои претходат на ИВФ постапката, претставуваат голем финансиски товар на паровите. Во Македонија, Фондот за здравствено осигурување може да ги покрие трошоците до три обиди за прво дете.
Меѓутоа, не секогаш се случува да настане оплодување и бременост при првиот, вториот или третиот обид. Често постојат парови кај кои може оплодувањето и бременоста да биде дури после неколку обиди. Неретки се случаите каде има непланирани трошоци како што се: купување на дополнителна терапија за хормонска стимулација, набавка на дониран материјал или употреба на некоја од дополнителните техники кои се користат во ин-витро оплодувањето.
Желбата за добивање на потомство не претставува само психолошко оптоварување на паровите, туку истовремено е и финансиски товар. Доколку паровите се решат сами да си ги покриваат трошоците, треба да бидат подготвени дека постапката ќе чини најмалку 1800 евра од циклус.