Исхраната за време на бременоста е една од најважните работи, затоа што тоа го определува здравјето на зачнатиот ембрион. Затоа секоја трудница треба да посвети големо внимание како се храни, бидејќи бебето нема друг извор на храна освен тоа што доаѓа од мајката. Секако битно е да се напомене дека некои фактори во врска со исхраната го намалуваат ризикот од појава на болести во детството.
Храната што се внесува во текот на бременоста треба да биде разновидна и да вклучува многу овошје и зеленчук, интегрални житарки, потоа храна богата со протеини како месо, риба, јајца и мешункасти растенија кои пак се богати и со железо. Исто така потребно е да се конзумираат и млечни производи кои се богати со калциум. Апетитот во текот на бременоста може да се менува. Обично во првото тромесечие апетитот може да се намали, во второто да се врати на ниво на пред бременоста, а во третото да се зголеми.
Еден од поголемиот проблеми за бремената жена е недостатокот од фолна киселина која може да предизвика дефекти на нервните туби. Поради тоа трудниците мора дополнително да ја консумираат, но сепак тоа треба да биде по препорака од доктор. Фолната киселина освен во таблетите, може да се внесува и преку храната. Намирниците од животинско потекло кои се богати со фолна киселина се жолчка од јајце, црн дроб, бубрези, додека пак во растителните прозводи таа може да се најде во спанаќот, карфиолот, зелката и многу други.
Соодветната исхрана на мајката е особено важна и по породувањето, бидејќи и помага на мајката да закрепне и да добие доволно енергија и хранливи материи за да го дои своето дете.