18 Октомври, Светски ден на менопаузата под мотото „Третман и терапија во менопаузата“ се одбележува во светот, но и кај нас.
Тимот на Клиниката за гинекологија и акушерство со години наназад го одбележува овој ден со цел да ја подигне свесноста за оваа физиолошка фаза во животот на секоја жена, како кај жените, така и во општеството.
Како жената да ја препознае оваа фаза која доаѓа, како полесно да ја дочека, како полесно да минува низ неа, како околината да и помогне на жената во оваа фаза, како нормално да се гледа на оваа фаза, како менопаузата да престане да биде табу тема за која ќе се зборува само во тесниот круг на познанички и како гласно да се побара помош доколку во истата ви е потребно, се само дел од прашањата кои се наметнуваат за што тимот од експерти од ГАК со години зборува и работи во интерес на женската популација.
Изминатите години на клиниката се организираа бесплатни консултативни прегледи за оваа категорија на пациентки, а годинава со цел помасовно да ја доближиме темата до жените покрај многуте телевизиски настапи објавени и на социјалните мрежи кои може да ги погледнете, тимот од лекари на ГАК организираше повеќе едукативни трибини на оваа тема во повеќе работни организации каде голем број на жени слушнаа за појавата, за симптомите како и за третманот.
Жените отворено дискутираа и за проблемите со кои се соочуваат без предрасуди и стигматизација на појавата. Сплотени околу иста појава се надополнуваа, дознаваа и со сигурност знаат каде понатаму да се обратат.
Овие едукативни трибини ќе продолжат да се одржуваат до крајот на месец октомври.
Тимот лекари кој и покрај редовните термини за прегледи и покрај ангажманот во операционите сали, несебично со огромен ентузијазам ги информира пациентките на темата, одговара на нивните прашања и заедно со останатите свои колеги од клиниката стои на располагање на секоја пациентка: доц. д-р Анета Сима, доц. д-р Катерина Николоска, доц. д-р Ива Малахова Ѓореска, асс. д-р Марија Јоксимовиќ, асс. д-р Даниел Милковски, асс. д-р Софија Златеска Ѓуриќ, асс. д-р Влатко Ѓиревски.