На Клиниката за гинекологија и акушерство до крајот на оваа година ќе се воведе бесплатна скрининг програма за рана прееклампсија која е една од причините за предвремено породување.
– Токму затоа ви најавуваме бесплатна програма за скрининг на предвремена прееклампсија во првиот триместар, по алгоритмот на Фондацијата за фетална медицина (FMF). Овој напреден скрининг метод е дизајниран да ги идентификува жените со ризик за предвремена прееклампсија пред да се појават симптомите, помагајќи да се спречат компликации подоцна во бременоста. Прееклампсијата е сериозна компликација на бременоста, особено опасна кога се јавува пред 37-та недела. Со рано тестирање, можеме да помогнеме да се идентификуваат трудниците со ризик, овозможувајќи навремени интервенции кои значително ги намалуваат компликациите и за мајката и за бебето. Бесплатните нови, едноставни тестови за предвремена прееклампсија обезбедуваат брзи и сигурни резултати, охрабрувајќи ги идните мајки и давателите на здравствена заштита да преземат превентивни чекори – рече директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, проф. д-р Ирена Алексиовска Папестиев, на одбележувањето на Светскиот ден на предвремено родените бебиња.
Раното откривање спасува животи и со овој скрининг за прееклампсија трудницата го заштитува сопственото здравје, но и иднината на своето бебе.
– Оваа превенција освен што е значајна за самото бебе и за родителите, и економски е оправдана за една држава бидејќи едно предвремено бебе во инкубатор, за третманите и за негата кои ги добива, чини колку три доносени бебиња. Алгоритмот FMF комбинира неколку фактори, вклучувајќи крвен притисок, мајчината историја и специфичните крвни маркери и ехо преглед со цел да се обезбеди сеопфатна проценка. Подобните пациенти во првиот триместар се охрабруваат да ги искористат предностите на овој бесплатен скрининг за да обезбедат побезбедна бременост. Ве молиме контактирајте со вашиот матичен лекар за да го закажете вашиот преглед на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и да дознаете повеќе за оваа можност за превентивна заштита – изјави проф. д-р Ирена Алексиовска Папестиев.