Термините конизација или конусна биопсија на грлото на матката често се користат како синоними за интервенции со различен опсег, и тоа од биопсија во форма на конус на грлото на матката, па сè до ампутација на вагиналниот дел на грлото на матката.
Конизацијата е дијагностичка и тераписка постапка во текот на која со хируршки, електричен или со ласерски нож се прави подлабоко сечење на грлото на матката во вид на конус.
Со конизацијата мора да се отстрани целиот заболен дел од грлото на матката. Во зависност од проширеноста на промената (лезијата), варира и длабината на конусот (до потполна ампутација на грлото на матката).
Индикации за конизација се цитолошки наод (позитивен ПАП-тест) кој укажува на малигнитет, цитолошки наод кој укажува на поекстензивна промена од онаа која е оценета со колпоскопскиот преглед или со биопсијата; сомнеж за постоење на микроинвазивен карцином, цитолошки наод кој укажува на атипичност на цилиндричните клетки; позитивен наод од ендоцервикалната киретажа, како и промена која се шири во цервикалниот канал.
Оптимална конизација подразбира отстранување на целата промена која е видена со колпоскопијата, отстранување на зоната на трансформација и барем една третина од цервикалниот канал (каналот на грлото на матката).
Кога не е видлива горната граница на промената, или кога постои зафатеност на жлездените крипти, врвот на конусот може да биде премногу низок или е конусот недоволно длабок за во целост да се отстрани лезијата. Тогаш, резидуалната (заостанатата) промена постои на остатокот на грлото на матката, кој не бил оперативно отстранет со конизацијата. За да се избегне оваа компликација се оди кон отстранување на поголем дел од ткивото, во вид на цилиндер. По конизацијата се прават сериски пресеци на отстранетото ткиво и со микроскопски хистопатолошки преглед се анализира интактноста на базалната мембрана и евентуалната зафатеност на крвните и лимфни садови со малигното ткиво.
Кај млади жени кои немаат родено, ако туморот е ограничен и не е навлезен во лимфните јазли и во крвотокот, конизацијата, покрај дијагностичка може да биде и конечна оперативна терапија.