Кондом, дијафрагма, стандардни или мини пилули, спирала, тоа се методите со кои може да се заштитите од непланирана бременост. Секоја од овие методи на контрацепција има свои позитивни и негативни страни, па затоа пред да одлучите какви мерки ќе преземете, треба добро да се запознаете со основните факти за нив.
Кондомите претставуваат механичка бариера, ја спречуваат бременоста, како и некои полово преносливи болести, со тоа што го спречуваат навлегувањето на спермата во вагината на жената. Ефикасноста на машкиот кондом се движи од 85-98 отсто, само кога правилно се употребува. Кај просечен пар кој користи кондом има 15% веројатност да дојде до бременост во првата година од користењето. Кај парови кои ги користат правилно и конзистентно, шансите да дојде до бременост во првата година се 2%. За да се зголеми ефикасноста на кондомите, некои од нив се премачкани со спермицидни материи, односно со хемиски супстанции кои ги убиваат сперматозоидите.
Позитивната страна на кондомот е што не влијае во иднина врз плодноста, а и е најевтина контрацепција. Употребата на кондоми е добар начин на контрацепција и кога се користи во комбинација со некој друг метод.
Неговите негативни страни се што може да дојде до кинење на кондомот, мора да се биде внимателен за правилно да се стави, а има случаи и кога мажи не можат да ја одржат ерекцијата со кондом.
Дијафрагмата
е гумено средство кое се става на цервиксот и
спречува сперматозоидите да навлезат во
матката. Големината на дијафрагмата треба да ја одреди вашиот лекар. Кога
се употребува правилно, успешноста на дијафрагмата како
контрацептивно средство е 86-94%.
На
една до две години, најдобро е да се прави лекарска
контрола за да се провери дали се уште одговара нејзината големина.
Бидејќи не се вклучени хормони, нема несакани
последици од дијафрагмата, чија позитивна страна е и тоа што жената
има контрола врз нејзиното носење. Таа може да се стави до
6 часа пред односот, но спермицидот треба да се става на секои 2 часа. Уште една
позитивна страна на дијафрагмата е таа што не мора по
ејакулацијата веднаш да се прекинува сексуалниот контакт.
Сепак, треба да се има предвид дека може да „накалеми“ уринарна или габична инфекција и дека не смее да се вади шест часа по односот. Некои жени имаат потешкотии при нејзиното ставање, а некои пак, не сакаат да се допираат на интимните делови. Најнегативната страна од оваа метода на контрацепција е што дијафрагмата ако се остави премногу долго, над 48 часа, може да предизвика сериозни проблеми, односно токсичен шок.
Пилулите за контрацепција се состојат од комбинација на два хормона: естроген и прогестоген, а го истенчуваат и ендометриумот во матката. Околу 8% жени остануваат бремени во првата година од користењето на овој вид на контрацепција, што најчесто тоа се должи на нивната неправилна употреба. Кога стандардните пилули се земаат секојдневно, шансите за бременост се минимални, односно од 1.000 жени, кај три постои можност да дојде до непланирана бременост. Најважно правило кај нив е токму тоа, да се земаат секојдневно, зашто ако пропуштите само еден ден, можно е да дојде до бременост. Но, треба да се знае и дека во првата седмица од почетокот на земањето на пилулите потребно е да користите и друг метод на контрацепција.
Позитивни страни на пилулите се што ја намалуваат
можноста да дојде до рак на јајчниците или ендометриумот на матката или пак, до
цисти на јајчниците, ги
намалуваат менструалните болки, а често пати се намалува и менструалното
крвавење. Најнегативната страна е аденокарцином
на цервиксот на матката.
Кај некои жени консумирањето пилули доведува до главоболки,
депресија, намалено сексуално уживање. Комбинацијата
од цигари и пилули може значително да го зголеми ризикот од згрутчувања во
крвта, што го зголему
ризикот од срцев или мозочен удар.
Мини
пилулата се разликува од стандардната пилула
за контрацепција по тоа што наместо два, содржи
само еден хормон – прогестоген. Кај некои жени земањето на мини пилулата
ја спречува и овулацијата, но многу жени продолжуваат да овулираат и покрај
нивното земање. Нивната ефиксност во спречување на бременост е нешто помала од
онаа на стандардните пилули.
Позитивни
страни се што може да ги користат и жени пушачи, како и жени
кои заради опасност од срцев или мозочен удар не смеат
да користат стандардни пилули.
И мини пилулите мора да се земаат во исто време секој ден, а ако задоцните со земањето повеќе од 3 часа, постои опасност од бременост и затоа е најдобро како дополнителна контрацепција да користите кондом.
Ризикот од мини пилулите е тоа што ако
останете бремени и покрај земањето на мини пилулата, има можност од
вонматерична бременост. Друга негативна страна е што има
мала можност да се јават цисти на јајниците, го зголемуваат и
апетитот, па не се препорачливи за жени
кои веќе имаат значително зголемена тежина.
Спиралата е мал предмет во форма на буквата Т и се става директно во матката. Има висока ефикасност во спречување на несакана бременост, дури и до 96-98%. Спиралата е поефикасна кај жени кои имаат веќе родено барем едно дете.
На крајот од спиралата е прикачена врвка која излегува од цервиксот на матката. Првото правило кај спиралата е – никогаш немојте да ја влечете врквката, тоа ќе ја измести или извади спиралата. И по секој менструален циклус жената треба да проверува дали врвката се наоѓа на место.
Постојат
2 вида на спирали: бакарна и таканаречената Мирена. Двата вида на спирали се
ефикасни затоа што го попречуваат навлегувањето на сперматозоидите, а и ако
дојде до оплодување, оневозможуваат да дојде до
прифаќање на ембрионот во матката.
Бакарната спирала дејствува на тој начин што бакарот е токсичен за
сперматозоидите и што преку промена на ендометриумот, бакарот оневозможува да дојде до имплантација, односно до всадување на ембрионот.
Мирената пак, со тоа што го испушта
хормонот левоногестрел (форма на прогестерон) ја
задебелува цервикалната слуз и тоа го отежнува навлегувањето на
сперматозоидите. Во исто време ако се случи да се оплоди јајце клетката, ембрионот
нема да може да се всади во матката.
Спиралата мора да биде поставена од лекар, но претходно се прават низа
испитувања, затоа што оваа метода на контрацепција не
одговара за секоја жена. При ставањето на спирала жената може да чувствува
грчеви во стомакот, па најпогодно
време за нејзино местење е во термин на менструалниот
циклус, затоа што тогаш грлото на матката е помеко и менструалната крв служи
како подмачкувач. Кај некои жени во првите
циклуси по ставањето на спиралата се јавуваат пообилни крвавења. Откако спиралата ќе биде наместена, жената треба да оди на
лекарски контроли за да се провери дали спиралата се уште стои на место.