Кога има крвавење пред 22-та гестациска недела се препорачува мирување, ако крвавењето е минимално, а контракциите ретки. Ултразвук се препорачува ако е возможно (жив плод е добар прогностички знак). Доколку се појави обилно крвавење или е присутна сериозна болка, пациентката треба да се упати на гинеколошко акушерска клиника. Ако спонтаниот абортус е комплетен и пациентката е во добра општа состојба и нема покачена телесна температура, исто така пациентката се праќа на гинеколошко акушерска клиника.
Причини за крвавење се губиток на бременоста или ектопична бременост, како и причини кои потекнуваат од плацентата (плацента превија, одлепување на плацентата), вагинални или цервикални инфекции, полипи, оштетувања, трофобластна болест (mola hydatidosa).
Причини за губиток на бременоста се: фетални абнормалности, хромозомски абнормалности, имунолошки отфрлања, утерини и цервикални абнормалности, ендокринолошки дисбаланс, дијабетес и хипертироидизам, нарушена функција на корпус лутеум, вирусни инфекции, листериоза, токсоплазмоза, интраутерина бременост со гестациски сакус, но без присутен ембрион (blighted ovum).
Ако има сомнеж за фебрилна инфекција или пациентката крвавела профузно, веднаш треба да се упати во гинеколошка установа како итен случај. Ако е неопходно, треба да се измери телесна температура, крвен притисок, пулс (крвна слика и Ц реактивен протеин).
До заканувачки губиток на бременоста (abortus imminens) може да дојде ако има минимално вагинално крвавење и болки, ако утерусот е зголемен и грлото на матката не е отворено, ако срцевата акција може да биде визуелизирана со доплер или со ултразвук. Треба да се направи контролен ултразвук по 1-2 недели, тест за chlamydia или gonorrhea. Се препорачува мирување, а да се избегнува физичка активност и сексуални односи.
Мисед абортус (Abortus inhibitus) се јавува кога плодот е мртов и започнува да се ресорбира, грлото на матката е сѐ уште затворено, а присутен е и кафеав, воденест исцедок. Овој тип на абортус вообичаено се дијагностицира со ултразвук во рана бременост (обично пред 12-та гестациска недела). Пациентката треба да се упати во болница следниот ден за RCUI (ннп А) или за медицинска евакуација. Медицинска евакуација може да започне во болница или дома. На пациентката најчесто ѝ се дава 800 μg вагиналета мисопростол (простагландин) во амбулантски услови (ннп А). Ако крвавењето е профузно, мисопростолот може да се даде орално. Третирањето со мисопростолот може да се повтори по 1-2 дена, ако е потребно. Ако бременоста е помала од 12 недели, истовремената употреба на антипрогестинот мифепристон не ги подобрува ефектите од третманот.
Губиток на бременоста (Abortus incipiens; incompletus, completus) е неизбежен (incipiens) и устието на матката е отворено. Крвавењето е најчесто профузно, придружено со болки во долниот дел на абдоменот поради утерините контракции. Може да дојде до пад на тромбоцитите. Состојбата на фетусот се опсревира со помош на ултразвук. Ако крвавењето е профузно, се поставува интравенска линија и пациентката се упатува во болница. Третманот се состои во инструментална ревизија на кавумот на утерусот.
Експектативниот менаџмент претставува добра опција (ннп B). Губитокот на бременоста може да биде комплетен (completus, надворешното маткино устите е отворено, а утерусот е празен). Ако утерусот е празен и нема ризик од екстраутерина бременост, инструментална ревизија не е секогаш неопходна. Потребно е да се следи BHCG.
Абортусот е некомплетен (incompletus) кога сѐ уште има резидуални маси во утерусот. Доколку пациентката е со средно обилно крвавење, може да се упати во болница следниот ден за инструментална ревизија или медицинска (медикаментозна) евакуација.
Септичниот абортус е причинет од микроорганизми кои преминуваат од вагината во утерусот. Најчесто е резултат на некомплетно индуциран абортус во нестерилни услови. Настанува профузно крвавење со болки, со симптоми на токсичен шок. Најчести предизвикувачи се Escherichia coli и Streptoccocus fecalis. Во вакви случаи пациентките треба веднаш да се пратат во болница, затоа што е потребен евентуален третман на сепса.