Докторката и професорка Ирена Алексиоска Папестиев е директорка на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје – место каде семејството ја добива смислата, локација каде се раѓа новиот живот!
Алексиоска Папестиев е жена – професионалец, мајка, сопруга… Инспиративна жена и храбар борец за заедницата!
Според неа најважната, неформална титула е да бидеш добар и емпатичен човек. Не ја почитува деструктивноста. За неа мајчинството е едно од најтрансформативните искуства во животот на жената, а за медицината вели дека не се однесува само на науката – туку на луѓето.
Токму таа енергија на почитуваната докторка Ирена струи и низ нашиот разговор! Вистински наратив по повод денешниот Меѓународен ден на жената – 8 Март!
Од жените за жените, инспирацијата и поддршката изгледа вака! Во продолжение интервјуто со Ирена Алексиоска Папестиев:
Од минатата година сте директорка на скопска Гинекологија. За почеток, може ли да откриете кои ви беа најголеми предизвици во работата изминатиот период со оглед дека станува збор за комплексна и многу значајна институција?
Како директорка на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство, предизвиците со кои се соочив беа главно во доменот на организациското унапредување и инфраструктурните подобрувања. Од самиот почеток, мојата визија беше да создадам услови за модернизација на одредени клучни области – како што се минимално-инвазивната хирургија во гинекологијата и ин витро фертилизацијата. Овие области бараат не само современа опрема, туку и континуирана едукација и надградба на човечките ресурси. Инвестирањето во медицинската технологија и стручноста на кадарот е клучно за иднината на оваа институција. Клиниката има квалитетен тим на лекари специјалисти – гинеколози акушери, анестезиолози, неонатолози, но недостатокот на среден медицински и технички кадар останува реален предизвик.
Ова не се промени што се случуваат преку ноќ, туку процеси кои бараат време, но и активен ангажман за нивна реализација. Секоја конкретна активност – било да е тоа подобрување на инфраструктурата, вложување во опрема или создавање услови за професионален развој – е чекор напред кон модерна и ефикасна установа.
Првата асоцијација за ГАК несомнено е место каде се раѓа нов живот, нова радост – нешто непроценливо. Задоволни ли сте од работата во овој, меѓудругото, најважен сегмент на Гинекологија? Имате ли доволно екипиран кадар, со оглед на постојаните аларми за емиграција на медицинскиот кадар? Ве плашат ли статистиките за намален наталитет?
Факт е дека наталитетот во нашата земја опаѓа, и тоа е нешто што не можеме да го игнорираме. Тоа е сериозно прашање што не засега сите, целото општество. Работиме на сеопфатен пристап, вклучувајќи подобра здравствена поддршка на мајките, економски стимулации и општестени промени за се поттикнат семејствата да имаат деца. Иако не можеме директно да влијаеме на сите овие фактори, ние како здравствени работници, имаме можност да овозможиме најдобри услови за бремените жени и родилките, со што индиректно придонесуваме за зголемување на нивната сигурност и мотивација за создавање семејство.
За жал, проблемот со недостаток на медицински кадар е реалност и кај нас. Се соочуваме со одлив на млади лекари и специјалисти, но во соработка со Министерството за здравство се трудиме да најдеме решенија, како што се подобри услови за работа, континуирана медицинска едукација и можности за професионален развој.
Работата во одделот за породувања е посебно емотивна – тоа е место каде се раѓаат нови животи, а ние сме сведоци на тие неповторливи моменти. За мене, ова е најубавата, но и најодговорната улога.
Во пресрет на Меѓународниот ден на жената, гласни се заложбите за поголема ангажираност на надлежните за грижа за менталното здравје кај родилките, со цел да се превенира постпородилната депресија. Прави ли вашата институција напори во оваа насока?
Мајчинството е едно од најтрансформативните искуства во животот на жената, но носи и огромни емоционални и психолошки предизвици. Иако често се фокусираме на физичкото здравје на мајките и бебињата, менталното здравје е исто толку значајно.
Реалноста е дека многу мајки се борат во тишина, чувствувајќи се преоптоварени, вознемирени или дури и исклучени од своите новороденчиња. Затоа разговорот за постпородилната депресија мора да биде погласен, а системите за поддршка мора да бидат посилни. Во нашата клиника, ние сме длабоко свесни за ова прашање. Бременоста и породувањето не се само медицински настани – тие се искуства кои го менуваат животот и бараат емоционална поддршка исто како и медицинска нега. Затоа веќе ја интегрираме грижата за менталното здравје во нашите услуги. Ја зајакнуваме соработката со психолозите и психијатрите, осигурувајќи дека нашиот медицински персонал е обучен да ги препознава раните знаци на постпородилна депресија и работиме на создавање безбеден простор каде жените ќе се чувствуваат удобно да бараат помош.
Но, ова е само почеток. Стигмата околу менталното здравје на мајките мора да се скрши. Ниту една жена не треба да се чувствува засрамена или сама во она низ што поминува. Нашата мисија не е само да донесеме нов живот во светот, туку да обезбедиме секоја мајка да се чувствува поддржана, слушната и згрижена – бидејќи здрава и среќна мајка значи здраво и среќно бебе.
Истовремно сте и професорка на Медицинскиот факултет. Колку ви е драга работата со студенти? Имаме ли млади и надежни лекари во идина?
Да се работи со студенти, да се водат низ сложеноста на медицината и да се види нивниот ентузијазам и посветеност е навистина инспиративно. Енергијата и љубопитноста што ја носат ме потсетуваат зошто воопшто ја избрав оваа професија. Што се однесува до иднината на нашето медицинско поле, можам со сигурност да кажам дека доаѓаат блескави, способни и страсни млади лекари. И покрај предизвиците во нашиот здравствен систем и привлечноста на можностите во странство, многу од нив се длабоко посветени да направат разлика овде. Нашата одговорност како едукатори и ментори е да ги едуцираме не само со медицинско знаење, туку и со вредностите на сочувство, интегритет и истрајност. Медицината не се однесува само на науката – туку на луѓето. И се додека имаме млади лекари кои го разбираат ова, нашата иднина е во добри раце.
Директорка, професорка… Кои други титули ви се драги? Дали се сметате за храбра и моќна жена? Што ве инспирира во секојдневието, од што црпите сила?
Позади секоја формална титула стојат труд, откажувања, компромиси со себе и околината. Исклучително сум среќна што мојот пат до професионалното остварување се базира токму на тоа што претходно напишав и е совршено чист, фигуративно кажано. Во тој котекст, нема најдрага титула, ги доживувам како природни градации и постојани доусовршувања.
Најважната, пак, неформална титула е да бидеш добар и емпатичен човек. Само таквиот профил на човек може да биде добар лекар, добар професор и добар за заедницата.
Раководната функција на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство е менлива категорија, но истовремено многу одговорна и сериозна и немам никаков соменеж дека соодветно одговарам на сите предизвици. Важно е што човек ќе остави позади себе, давајќи можност за некој понатаму тоа да го доразвива. Не ја почитувам деструктивноста.
Дали сум храбра? Како личност признавам само рационален страв, примат давам на одговорноста, професионализмот и достоинството. Оттаму, не се сметам ништо похрабра и помоќна од која и да било друга жена која се соочува со милионите предизвици од секојдневното живеење, ниту пак од која и да било пациентка која во моментов води битка со сериозна болест. Напротив, можам само да кажам дека сум задоволна и освествена жена којашто силата ја црпи од семејството, пријателите, студентите и пациентите. Многупати во животот мојот темеперамент и потребата од перфекционизам знаеле да ми создадат и ”главоболки”, но тие се и “виновени“ за се она што сум постигнала.