Дека во светот на медицината повеќе не постојат граници и дека медицината во Македонија може да се мери со светски достигнувања говори и раѓањето на бебето Петар кого на свет го донесе највозрасната прворотка во државата, 61-годишната пациентка, рече проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев, директорката на ЈЗУ У Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, на денешната прес-конференција.
– Ова е прва пациентка во нашата држава која останала бремена со сопствена јајце клетка, бременоста била следена во нашата држава и таа се породи на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство. Пациентката беше породена во 36 гестациска недела + 1 ден, со царски рез, со уреден оперативен тек. Родено е живо машко бебе со родилна тежина од 2350 грама и со должина од 48 сантиметри. И мајката и бебето се во одлична општа состојба. Мајката херој како што ја нарековме, е пациентка со исклучително тешко гинеколошко и акушерско минато со 10 ин-витро интервенции и со 10 спонтани абортуси. Во изминатите години пациентката имала и други три гинеколошки операции. Во текот на оваа бременост пациентката имала покачен крвен притисок и дијабетес, но бременоста била уредна и контролирана – информираше директорката на ЈЗУ У ГАК – Скопје.
Проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев рече дека мајката која не се откажала од својот сон, не потклекнала на неуспесите, на притисоците од околината и на предрасудите со кои живееме, заедно со бебето денеска ќе си заминат дома.
– На Петар и на неговите родители им посакуваме одлично здравје, безгрижно детство и долги години на радост минати заедно со семејството – истакна директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.
видео: МИА