На новороденчето најпотребни му се љубовта и грижата од родителите. Затоа и родителската задача треба да се остварува без страв, за првите допири со бебето да придонесат и за ваша и за негова сигурност и среќа.
Тежината на бебето е добар индикатор за неговото здравје. Повеќето бебиња родени во термин (меѓу 37. и 41. недела) ќе бидат тешки меѓу 2.812 и 4.173 грама и ќе бидат долги меѓу 48 и 53 cm. Повеќето бебиња, во неколкуте денови по раѓањето, ќе изгубат во тежина, обично 300 – 500 грама.
Еве неколку најосновни совети за нега на новородените бебиња кои треба да се совладаат кога ноороденчето од родилиштето ќе дојде дома:
Очите на бебето секојдневно да се чистат со парче вата натопено со млак чај од камилица, од надвор кон внатре, а повеќепати во текот на денот, кога ќе се појави секрет, на рабовите од капаците.
Носните патишта на бебето често пати собираат мукус. За да го исчистите носето на бебето прво е потребно да му капнете во ноздрите солен раствор за да се навлажни и да се раствори мукусот. Има два вида помагала за чистење на носето – со гумена пумпица и назален аспиратор со цевче.
Бебињата често пати имаат црвени лица, но бебешките акни се многу честа појава и исчезнуваат во првите неколку месеци. Затоа, мијте го лицето на бебето со нежен, благ, бебешки сапун.
Новороденчињата имаат бебешки корузи на главата, затоа косата на бебето мијте ја со нежен, бебешки шампон, но не повеќе од 3 пати неделно. Намачкајте ја главата на бебето со масло и нежно четкајте ја со бебешка четка.
Ноктите на новороденчињата се меки, но остри и можат да ја изгребат нежната кожа. Затоа, со бебешка ноктарка или бебешки ножички Ноктите најлесно ќе ги исечете после капење, кога се помеки или кога бебето спие и е опуштено.
Папочето на бебето треба да го одржувате чисто и суво. За кратко време ќе се исуши и ќе отпадне. Затоа, избегнувајте да го покривате папочето со пелените и внимавајте да не го иритираат. Кога го капете бебето внимавајте да не го натопите папочето, а доколку се натопи внимателно исушете го по капењето.
Премногу влага на чувствителното газе на новороденчето може да доведе до пеленски осип. Поради тоа, редовно менувајте ги пелените и внимавајте бебето да не е престегнато во нив. По секое менување на пелената најдобро е газето да го измиете со памук и топла вода, а потоа добро кожата да се исуши со мека крпа.