Папочето, дел од папочната врвка што е подврзан при раѓањето, се очекува комплетно да се исуши и да отпадне до крајот на втората недела од животот. . Вообичаено тоа се случува за 10 до 14 дена и кај најголем број од бебињата, не се јавуваат компликации. Во тек на тој период папчето ќе го менува изгледот, од бело преку жолто до темнокафено кога е сосема исушено и тоа е сосема нормално.
Папочето треба да се одржува чисто и суво, па затоа, пред да почнете со нега на папочето, добро измијте ги вашите раце и тој начин ќе го намалите ризикот од инфекција.
Пелената не треба да го покрива папочето за да се обезбеди негово побрзо сушење, а штипката со која е подврзано, пожелно е да се извади, најмалку 48 часа по раѓањето.
Еднаш до двапати на ден, и задолжително по капење, папочето се чисти со стерилна газа и со 70 отсто алкохол, а ако папочето го негувате со друг тип препарати, тоа треба да биде само по препорака на лекар или патронажна сестра.
Доколку се појави црвенило на околната кожа или има жолт исцедок, потребно е да се консултира педијатар бидејќи тоа може да биде почеток на инфекција. Пожелно е консултација и преглед да се направи кај секое дете, бидејќи папочната рана може да има и други компликации, како што се крвавење или гранулом. И во тие случаи е потребен ран и соодветен медицински третман.