Сомнеж за абнормално крвавење или ендометритис се појавува доколку лохиите добијат светло црвена боја и имаат непријатен мирис, или доколку пациентката има абдоминална болка во долниот дел на абдоменот или ако има покачена телесна температура. Кај ендометритис со изразени симтоми, потребна е интравенска, антибиотска терапија.
Нормални лохии се оние каде постпарталниот исцедок вообичаено трае 4-6 недели (максимум 8 недели). Иницијалниот крваво обоен исцедок (lochia rubra) трае 3-4 дена, по што станува црвено-кафеав (lochia serosa) во траење од една недела. По ова следи беличест исцедок (lochia alba) во таење од 3-4 недели. Вагиналните или цервикални лацерации, настанати во текот на раѓањето, го зголемуваат количеството на лохии, а исто така и доењето.
Кај компликациите со крвавењето најголем број од случаите вклучуваат примарна постпартална хеморагија (<24 часа по породувањето). Фреквенцијата на секундарна постпартална хеморагија (>24 часа и по 6 недели од породувањето) е околу 1%. Примарната постпартална хеморагија и мануелната екстракција на плацентата (постелката) се основни фактори за секундарна хеморагија. Најголем дел од случаите настануваат за време на втората постпартална недела. Клинички преглед се прави со цел да се детерминира (утврди) местото на крвавење.
Причини за обилно крвавење: задржани делови од плацентата или плодови обвивки, ендометритис, дехисценција на епизиотомија, вагинална или цервикална лацерација, хориокарцином по термински завршена бременост е редок и се манифестира со варијабилни симптоми. Како и да е, мора да се помисли на него во случаи каде вагиналното крвавење прогресивно се зголемува и каде кај пациентката се присутни симптоми на градна болка, диспнеа, хемоптизии, главоболка или епизоди на несвестица.
За начинот на третман се одлучува врз основа на наодите. Емпириска антибиотска терапија се користи обично за третман на мало крвавење од епизиотомијата, лацерација на вагината или грлото на матката, иако инфекциите како причина за крвавењето се присутни во мал број случаи. Антибиотик на избор е или првогенерациски цепхалоспорин, комбиниран со метронидазол или амоксицилин од 500 мг три пати на ден во траење од 7 дена.
Рана хируршка интервенција е потребна при хематом на епизиотомија или во вагина. Хематоми кои не се придружени со симптоми, иницијално треба само да се опсервираат. Антибиотска терапија е потребна доколку заздравувањето е одложено или хематомот почнува да се инфицира. Причината за ексцесивно крвавење од матката треба да се утврди со ултразвучен преглед. Задржаните делови од концепцијата мора да се отстранат. Ако крвавењето е оскудно и нема знаци за задржани делови од концепцијата, третманот треба да се состои од антибиотици и мониторинг. Хорикарциномот е редок, но можен, така што треба да се има предвид.
Ендометритисот е воспаление на внатрешниот слој (лигавицата) на матката (ендометриум). Често се проширува на мускулниот слој (миометриумот) и со тоа еволуира во следниот стадиум, ендомиометритис. Ризик фактори се: пролонгирано породување, чести манипулации и вагинални прегледи за време на породувањето, предвремено прскање на плодовите обвивки, задржани продукти од концепцијата, породување со вакуум екстрактор и форцепс. Царски рез – пролонгирана операција, употреба на инструменти, конци, акумулирање на крв или ткивна течност во мала карлица или ткивата се предиспонирачки фактори.
Клиничките знаци и симптоми најчесто се појавуваат 4-10 дена по породувањето, но може да бидат присутни и подоцна. Тоа се покачена телесна температура, абдоминална болка ниско која може да се прошири на целиот абдомен, тврдост во долниот дел на абдоменот, утерусот и во околните ткива, лохии со непријатен мирис, пурулентен (гнојав) исцедок од цервиксот.
Потребни лабораториски инвестигации се: CRP, покачено над 100-150 мг/л., уринокултура за да се исклучи уринарна инфекција, хемокултура, ако постојат сериозни симптоми и микробиолошки брисеви. Третманот за средно изразен ендометритис е cefalexin од 500 мг три пати дневно, комбиниран со metronidazol од 400 мг три пати дневно per os, во траење од 7-10 дена. Алтернативно, amoxicillin може да се комбинира со trinidazol.
При сериозен ендометритис (изразени и генерализирани симптоми, висока телесна температура, crp > 100 мг/л), потребна е хоспитализација и интравенска антибиотска терапија. Иницијално, на пример, cefuroxime 1.5 мг три пати дневно, комбиниран со metronidazole од 500 мг, три пати на ден. Понатамошниот третман се одредува врз основа на резултатите од бактериските култури.
Ендометритис по царски рез бара ран третман со интравенски антибиотици, кој треба да продолжи 2 недели. Повеќе од 90% од пациентките даваат одговор на терапијата за 2-3 дена. Ако одговорот на терапијата е слаб или покачената телесна температура и понатаму перзистира тоа значи дека бактериска резистенција е ретка или дека инфекцијата е можно да се проширила на околните ткива на матката или можеби настанал пелвеоперитонитис, апсцес, септичен тромбофлебитис на вените во малата карлица или инфициран хематом. Кај овие пациентки се потребни понатамошни инвестигации во болница (ултразвучна егзаминација, CT/MRI скен).