Пренаталните скрининг-тестови се група на тестови, кои му даваат информации на докторот во каква состојба се наоѓа бремената жена и нејзиното бебе. Со помош на Приска-системот, употребувајќи тест-алгоритми и ризик фактори, се генерираат различни калкулации на ризик за добивање на комплетен извештај за точна проценка на високоризични бремености.
Ова се многу важни информации за докторот за да може да даде каква било препорака или совет при водење на бременоста. Станува збор за брзи, едноставни и високо-специфични тестови, кои во голем процент ги идентификуваат бремените жени кои имаат зголемен ризик да донесат на свет плод со аномалии и дефекти. Проценката за евентуалниот ризик се прави помеѓу 10-13 гестациска недела, но може да се направи и до 22-та недела од бременоста. Тестот се прави со едноствно земање крв од вена и рутински ехо-преглед кај гинекологот.
Софтверот Приска опфаќа мерење на одредени маркери, кои циркулираат во крвта на мајката и се во директна врска со развојот на плодот. Резултатите, се комбинираат со други параметри како возраста и здравствената состојба на пациентката, како и мерките на плодот направени со ултразвук. По компјутерската пресметка на податоците со софтверската програма се добива крајниот резултат, кој укажува колкав е ризикот плодот да има една од следните аномалии: Даунов синдром, Едвардсов синдром, Патау синдром и дефект на затворање на неврална цевка.