Кога кај мајката која дои ќе дојде до покачување на телесната температура, рано започнување на терапија со антибиотици се индицира, со цел да се превенираат компликации (маститис). Мајката треба да продолжи да дои за да ја празни дојката и да го забрза заздравувањето.
Стафилококот е причинител во повеќе од половина од случаите. Други најчести причинители се стрептококите и Escherichia coli, а инфекцијата е често мешана. Меѓутоа, не сите случаи на маститис имаат бактериска етиологија. Задржувањето на млекото во млечните жлезди исто така може да предизвика опструкција на млечните канали, а тоа се превенира со ефективно празнење на дојките. Испукани брадавици и слабо празнење на дојките се ризик фактори за маститис.
Симптоми на пуерперален маститис се висока телесна температура, црвена, топла и затегната регија од зафатената (афектираната) дојка. За да се донесе одлука за лекување, обично не се потребни лабораториски инвестигации, доволен е само клинички преглед.
Антибиотици може да се дадат по телефонска консултација, под услов симптомите кратко да траат и да се договори контрола. Антибиотици треба веднаш да се ординираат доколку пациентката е фебрилна, а доколку пациентката е афебрилна, нема очигледна апсцесна формација, третманот се состои само од мониторирање и испразнување на млекото (измолзување).
Најбенигна причина е задржувањето на млекото во млечните жлезди. Аплицирање на топло (на пример, топол воздух од фен, шише топла, вода обвиткано со крпа, топол туш) пред доење, помага во испразнувањето на дојката. Мајката треба да се советува да побара помош, за да не дозволи да дојде до појава на фебрилност.
Третман кај задршка на млекото во млечните жлезди се прави така што новороденото се поставува секогаш прво на афектираната дојка. Исто така, може прво да се измолзи малку млеко со пумпа, а останатото да се остави за новороденото. Ако е возможно, позицијата на цицање да биде така, што зафатената регија да биде најгоре (за да се помогне дренажата на ексудатот). За антибиотски третман треба да се одбере ефективен антибиотик против стафилококи. Траењето на третманот е од 10 до 14 дена.
Како друг третман, може мајката да се советува да продолжи со користење на инфламираната (воспалената) дојка за доење. Алтернативно, дојката може да се испразнува со пумпа за дојки. Ова ќе ја намали болката, ќе ја подобри дренажата на ексудатот и ќе превенира настанување на апсцес.
Знаци на формирање на апсцес на дојката се рекурентни скокови на телесната температура и покрај антибиотска терапија и редовното празнење на дојката. Апсцесот мора да се издренира под општа анестезија. Не е потребна контрола доколку пациентката веќе нема симптоми. Можноста за карцином треба да се има во предвид, дури и кај мајки во лактација, особено ако инфламирацијата се повторува или постои резидуална туморозна формација.