Лира Ѓурчилова е мајка на малата Лана, која пред седум месеци се роди со 720 грама родилна тежина. И додека сите речиси кренале раце од неа, мајката верувала дека нејзиното бебе ќе ја добие борбата за живот, иако шансите биле 1 отсто. По повод 17 Ноември – Денот на предвремено родени деца, Лира до сите мајки на прематурчиња испраќа порака: Никогаш не губете надеж луѓе, чуда се случуваат!
Малата Лана е вистинска хероина од бебе. Со колку грама родилна тежина дојде на овој свет и зошто толку ѝ се „брзаше“?
– Лана се роди на 14 април годинава, во 24-тата гестациска недела или поточно во првата недела во шестиот месец од бременоста, со тежина од 720 грама и апгар оцена 1/3/4. Сите шест месеци во бременоста ги поминав супер, активно, без никакви проблеми или индиции дека ќе се случи нешто навидум на тоа што потоа следуваше.
Денот кога дојдов на редовен преглед кај мојот гинеколог на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, ми беше соопштено дека нема враќање назад и дека ќе мора да бидам хоспитализирана за предвремено раѓање. Во тој миг низ глава ми поминаа најлошите можни мисли и сценарија. Најмногу ме мачеше тоа, како на свет ќе донесам дете што според медицинските критериуми се смета сè уште за плод со шанси за живот од 1 отсто?
Сè се случи многу брзо и по неколку часови откако се породив, ме посети дежурниот педијатар со информација за суровата реалност во тој момент – бебето има многу мали шанси за преживување. Во нејзиниот глас го почувствував и тоа што не сакаше да го изговори пред мене, дека мора да се подготвуваме за најлошото. За жал, среќната вест што како и сите родители со нетрпение ја очекувавме, во тој миг се претвори во кошмар што траеше три месеци.
Состојбата со Лана беше премногу критична, а од досегашното искуство во медицината, најголем дел од овие деца не живеат ниту два часа. Практично, секаде во светот дете родено во оваа гестациска недела се сметало (иако во поново време не) за спонтан абортус. Оттука па натаму секој ден беше борба за живот.
По 94 дена борба за живот, Лана на 18 јули конечно пристигна дома. Вие сте мајка што ги поминала премрежињата низ кои поминуваат сите мајки на предвремено родени бебиња, но многу подолго од другите. Се надевам дека траумите се зад вас, но како се носевте со тој тежок тримесечен период?
– Точно така. Лана остана во болница 94 дена. Да бидам искрена, мислам дека не постои потежок момент од тоа да влезете во болница со дете, а да излезете без него. Не постои поголема болка од болката на родител што стравува за животот на своето дете, дете кое секој ден се бори за да преживее, а ние како родители немаме како да му помогнеме. За деца со ваква родилна тежина, секоја секунда помината на овој свет е благослов.
Периодот беше премногу тежок за мене и за мојот сопруг, како и за целото семејство. Деновите траеја како вечност. Се будиш, го живееш денот и заспиваш само со една мисла и со една желба – бебето да го дочека утрешниот ден. И така секој ден. Најголема поддршка си бевме меѓусебно со сопругот и со семејството, кое беше секогаш тука за нас. И секако, бевме опкружени со пријатели, кои во ниту еден момент не се откажаа од помислата дека нашето дете ќе успее. Благодарна сум што имам такви пријатели. Без нив немаше да бидеме доволно силни да го издржиме товарот што го носевме цели три месеци.
Од друга страна, медицинскиот персонал што се грижеше за Лана, се погрижи за тоа во ниту еден момент да не се посомневаме дека се дава целиот максимум за таа да ја извојува борбата за живот и да расте како здраво дете. Бескрајно сум благодарна на целиот тим на педијатри, кои деноноќно се бореа со сите препреки на кои наидуваше Лана. Тие се нашите херои, а медицинските сестри се наши ангели чувари.
Денот кога вашето бебе беше доволно стабилно да ја напушти клиниката, напишавте на Фејсбук дека кога сите се откажале и кренале раце од него, тоа покажало дека е вистински борец за живот. Дали вие верувавте дека Лана ќе ја добие битката за живот?
– Не можам да кажам дека на почетокот верував дека ќе успее. Премногу беше нереално. А, и медицинските аргументи упатуваа на тоа. Но секогаш имаше мал дел во мене, кој потајно веруваше во можноста да се избори. И на крајот излезе така. Бебето кое немаше речиси никакви шанси да преживее, по 94 дена си дојде дома со цели 2.200 грама. По речиси 70 дена поминати на машина за дишење и 80 дена во инкубатор, Лана конечно го напушти болничкиот кревет. Лана сега има 6 килограми.
Како се справувате дома со седуммесечната Лана и постојат ли специфики во нејзиното одгледување имајќи предвид дека се роди екстремно мала?
– Овие деца бараат посебна нега и внимание. Борбата не завршува со излегувањето од болница, таа продолжува дома. Непроспиени ноќи од страв дали бебето дише, недоволно сила да пие млеко, борба со качување на телесната тежина, изолација од луѓе и други деца за заштита од вируси, следење на раст и развој, стимулација на моторика, чести контроли, трчање по клиники, физикални терапии, се само дел од секојдневието на мајките на предвремено родените деца. Но, секое дете е јунак само по себе. Ништо од горенаведеното не е тешко кога на крајот на денот го гледате вашето бебе како се изборило за да ве направи најсреќни родители на светот.
По повод 17 Ноември – Денот на прематурчињата, што ќе им порачате на мајките што токму сега стојат до инкубаторите каде што се наоѓаат нивните предвремено родени бебиња?
– Никогаш не губете надеж луѓе, чуда се случуваат. Ова е моето ново животно мото. Никогаш не обвинувајте се себеси за тоа што се случило. Сè се случува со некаква причина, порано или подоцна ќе ја дознаете. Јас мојата ја дознав. Лана се роди за да нè научи како да го сакаме секој момент од овој живот, никогаш да не се откажуваме и да им се радуваме на малите работи. Верувајте во вашите јунаци. Иако се толку мали, имаат поголема волја за живот од сите нас!
Интервју објавено во „Слободен печат“