Некои жени во бременоста страдаат од таканаречена некомпетентност на грлото на матката, што значи дека грлото нема способност целосно да се затвори во текот на бременоста, а тоа ги зголемува шансите за предвремено породување, па дури и за спонтан абортус. Во тој случај најчесто се препорачува серклаж на грлото на матката.
Серклаж на грлото на матката е хируршки зафат. Хирургот го зашива грлото на матката за да не се отвори и со тоа да се спречи ризикот од предвремено породување на бремената жена. Шевовите се отстрануваат кога трудницата ќе влезе во 37-та недела од бременоста, но може и порано, што зависи од проценката на лекарите.
Во најголем број случаи, серклажот се прави во 14-та недела од бременоста, а постојат случаи кога кај бремената не се забележуваат никакви симптоми на неспособност на грлото до последното тримесечие од бременоста.
Кога серклажот се врши во подоцните месеци од бременоста, тоа значи дека истиот зафат ќе биде неопходен и во наредните бремености.
Лекарите препорачуваат серклаж на оние трудници кај кои грлото на матката почнало да се шири пред 24-та недела од бременоста. Причини за тоа може да бидат: кратко грло на матката; оштетување на грлото во претходните бремености; искуството со спонтани абортуси во второто тримесечие од бременоста; серклаж во претходните бремености; абнормално гро пред да се забремени…
Придобивките од оваа процедура се бројни. Статистиката покажува дека овој процес, дури во 85 отсто случаи спречува предвремено породување или спонтан абортус.