Мајката на Димитар и на Јована, двете предвремено родени на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, по повод Денот на предвремено родени деца – 17 Ноември, ја раскажа својата приказна, со надеж дека нејзиното искуство дополнително ќе ги охрабри мајките на прематурчињата да останат силни во периодот додека нивните бебиња наместо во нивните прегратки, „растат“ во инкубаторите на ГАК.
Триeсетишестгодишната Наташа Николоска од Македонски Брод е мајка на тригодишниот Димитар и на Јована, која се роди на 21 октомври годинава, само неколку часа откако нејзиното братче го прослави третиот роденден.
Димитар е роден во 33-та недела со 1.430 грама, 39 должина, а Јована во 36-та недела и до 13 ноември беше на одделот за интензивна нега и терапија на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје.
– Кога бев бремена со Димитар, инстинктот, но и претходното трауматично искуство ме тераше да дојдам во Скопје за да проверам во каква кондиција сум со бременоста и како се развива плодот. Зад мене се два спонтани абортуса, едно мртвородено, 10 години стерилитет, хистероскопија, лапораскопија… По сопствена барање од мојот матичен гинеколог побарав да ми закаже на скопската Клиника за трансфузиологија за фактори за хемостаза. Некако чувствував дека стомакот не расте, а влегувам во се поголема бременост. Затоа и на Клиниката за гинекологија во Скопје договорив преглед, за да ме види гинеколог и да даде свое мислење. Со резултатите од Клинката за трансфузиологија ме прими на преглед доктор Горан Кочовски, кого го нарекувам „мојот светец“, затоа што сметам дека е своевиден спасител на моите две деца. По ехо-прегледот веднаш ме хоспитализира и една недела лежев на одделот за патолошка бременост – раскажува мајката.
Додека течеше неделата во болница, при едно од бројните ЦТГ-а кои ми се правеа, бебето ги изгуби тоновите и веднаш ме однесоа во операциона сала на итен царски ред. Во тој миг само молев Бога бебето да се роди живо и здраво, вели Наташа.
– Кога се разбудив од анестезија првото што го направив беше да проверам дали имам алка на раката која ја имаат сите родилки на живи бебиња. Кога ја видов алката на мојата рака на која пишуваше „живо машко“, ми дојде душата на место – се сеќава мајката.
Иако третиот ден од операција медицинскиот персонал и овозможил да го види своето бебето, таа се плашела од средбата, поради тоа што чувствувала страв дали ќе преживее.
– Се плашев да го видам а потоа да го изгубам затоа што зад себе имам длабоки трауми, поради прееклампсија во 34-та недела се породив со мртвородено во 34 недела, а потоа десет година лекував стерилитет. Всушност, дури и не мислев дека ќе преживее. Но се случи првата длабоко емотивна и збунувачка средба, иако во инкубатор, тоа реагираше на мене, јас барем така мислам. Првпат го видов своето бебе приклучено на машина за дишење затоа што се роди со низок апгар – објаснува мајката на Димитар.
Бебето било во инкубатор речиси еден месец и дома заминале со 1.900 грама тежина. Наташа вели дека третманот кој го добивала додека била на Клиниката за гинекологија, а потоа и бебето на ОИНТ, било професионално и на високо ниво и има само пофални зборови за персоналот.
Бебето било анемично поради што повремено морало да прима крв, но иако е прематурче, не се борело со инфекции и имало добар имунитет. Кога наполнило една година веќе не се разликувало од своите врсници, почнало да оди и проговорило во нормален период, а првите запчиња ги добило на осум месеци.
– Кога ми истече породилното отсуство тргнав на работа и на моменти заборавав дека е прематурче. Сега е хиперактивно и интелигентно дете, сака да се дружи – го опишува своето дете.
Наташа раскажува дека не очекувала дека пак ќе остане бремена, особено што претходно долго се соочувала со стерилитет, но тоа се случило по нешто повеќе од две години по раѓањето на Димитар. Таа не крие дека на почетокот дури и размислувала дали да му даде шанса на плодот, затоа што во претходните бремености и нејзиниот живот бил во опасност.
– Но толку време чекав дете, па си реков: Со Господ напред, ако е мое, ќе биде мое! Бременоста не беше проблематична до крај, се додека повторно самоиницијативно не ги направив контролите на Клинката за гинекологија во Скопје. Тогаш побарав да се видам со доктор Кочовски и тој по дополнителни испитувања констатираше проблем со мојата бременост. Затоа што сум од Македонски Брод, доктор Кочовски рече дека мора да ме задржат на клиника, а на одделот за патолошка бременост носев и холтер поради хипертензија, која ја имав и во бременоста со Димитар. Бев 36-та недела, значи не стануваше збор за екстремно прематурче, но сепак бебето ги претрка дополнителните испитувања кои требаше да ми бидат направени. Се случи абрупција на постелката и со итен царски ред се роди Јована со тежина од 1.890 грама – вели мајката.
Јована по неполни четири недели на ОИНТ, си замина дома со…..грама. Таа и на ОИНТ одредено време инкубаторот го замени со креветче и лакомо пиеше по 30 милилитри мајчино млеко.
Наташа, која секојдневно се измолзуваше и доаѓаше на одделот за да донесе мајчино млеко, во средата ја продолжи својата рутина но беше дочекана од одделенската сестра со среќна вест, дека бебето е во одлична кондиција за да си замине дома.
– Се исполни мојата најголема желба, заедно со Јована да му се придружиме на Димитар во нашиот дом. Како и секоја мајка на предвремено родено бебе, и јас имам свои стравувања за евентуално последици, но длабоко во себе верувам дека и таа ќе се развива во здраво дете како и нејзиното братче – Наташа емотивно ја заврши приказната.