Спонтаниот абортус значи губење на фетусот пред дваесеттата недела од бременоста. Според СЗО, спонтаниот абортус се дефинира како исфрлување на ембрионот или фетусот од матката. Според истражувањата, речиси половина од сите бремености завршуваат со спонтан абортус најчесто пред жената да добие следна менструација или пред да дознае дека е бремена. Околу 15% од бременостите кои се откриени, завршуваат со спонтан абортус.
Повеќе од 80% од спонтаните абортуси се случуваат во првите три месеци од бременоста. Со помала веројатност се оние кои се случуваат после 20-та недела и таквите абортуси се нарекуваат доцни абортуси.
Симптомите за спонтан абортус се крвавење кое започнува со светол исцедок па се развива кон потемен, силни грчеви, абдоминална болка, треска, слабост, болки во грбот. Бремената жена, откако ќе почувствува некои од овие симптоми, веднаш треба да се обрати кај гинеколог.
Повеќето од абортусите кои се случуваат во првиот триместар се предизвикани од хромозомски абнормалности кај бебето.
Абортусите можат да бидат предизвикани од разни други фактори, како инфекција, хормонални промени, абнормалности на матката, некомпетентно грло на матката, изложеност на опасни места за престој или работа, начин на живот што вклучува пушење, пиење алкохол или користење дроги, пореметување на имунолошкиот систем, вродени срцеви мани, неконтролиран дијабетес, заболување на бубрези, болест на тироидната жлезда, зрачење, стрес, консумирање одредени лекови…
И возраста игра улога, па на поголем ризик од спонтан абортус се изложени повозрасните родилки. Истражувањата покажуваат дека овој ризик е од 12% до 15% кај жени во нивните 20-ти години и се издига на 25% за жени на 40-годишна возраст.
Најважно е да знаете дека ако сте имале спонтан абортус, не значи дека имате проблеми со плодноста.