Кај безмалку една половина од доносените новороденчиња, третиот ден од животот се јавува физиолошка жолтица, која трае неколку дена. Се работи за зголемување на вредноста на неконјугиран билирубин во крвта, така што реакцијата на билирубин во мокрачата е негативна. Кај недоносени новороденчиња или новородено со вродена хипотиреоза, жолтицата може да трае многу подолго време.
Ова патолошка појава се јавува во првите 24 до 36 часа од раѓањето. Оваа таканаречена физиолошка жолтица не е штетна по здравјето на новороденчето. Ако количеството билирубин е високо, може да предизвика поспаност кај новороденчето. Само многу високи нивоа на билирубин во крвта може да предизвикаат проблеми со слухот и оштетување на мозокот.
Жолтицата кај новороденчињата се манифестира со жолта боја на кожата и на белките на очите, а обоеност се јавува како резултат на тоа што во човечкото тело постојано се создава нова крв, а старата крв подлежи на разложување. Еден од продуктите на таквото разградување на крвта е билирубинот, кој нормално се создава во црниот дроб, а се елиминира од телото преку изметот. Во првите денови на животот црниот дроб се уште е незрел и не функционира ефикасно како во подоцнежниот период од животот. Оттаму се јавува тенденција да се зголеми билирубинот во крвта, а со тоа и појавата на жолтата обоеност на кожата и на белките на очите.
Поголема опасност од високо ниво на билирубин во крвта има кај недоносени деца, бебиња со инфекции, бебиња чија крвна група е различна од таа на нивната мајка. Умерената жолтица се третира со ставање на новороденото голо, со очите заштитени со маска, под сино светло или т.н. фототерапија. Ова светло го разградува билирубинот во кожата и доведува до исчезнување на жолтата обоеност.
Кај тешката жолтица новороденото може да има потреба и од специјална трансфузија на крвта, со која крвта на бебето се заменува со свежа за да се исчисти билирубинот од крвта. Обично нема далекусежни проблеми по прележаната жолтица кај бебињата.