Потребно е да се дијагностицира болеста и да се третира пациентот навреме за да се избегнат сериозните компликации на пролонгираната или рекурентната инфекција (пелвична инфламаторна болест, неплодност, ектопична бременост).
Со цел да се спречи ширењето на хламидијалната инфекција, сексуалните партнери на инфицираниот пациент треба да се прегледаат и третираат.
За обемот на испитувања при сомнеж за сексуално пренослива болест (СПБ) се одлучува при интервјуирањето на пациентот. Фактори на ризик: незаштитен секс со постојан партнер; партнерот има дијагноза или сомнеж за СПБ; инфекција, веројатно, аквирирана во странство; партнер од странство; секс помеѓу мажи.
Базичните тестови кај асимптоматски пациент треба да вклучат хламидија од можно инволвираните анатомски делови и ХИВ. Ако пациентот има симптоми, фактори на ризик или дијагностицирана СПБ, тестовите вклучуваат хламидија и гонореа од инволвираните анатомски делови (уретра, цервикс, грло или анус), како и ХИВ и сифилис. Тест за хепатит се прави ако се смета за неопходно.
Кога се земаат примероци, периодите на инкубација на различни болести треба да се имаат предвид: хламидија и гонореа 1 недела, сифилис 1-2 месеци и ХИВ 1-3 месеци.
СПБ предизвикани од Chlamydia trachomatis се сериозен здравствен проблем. Хламидијални инфекции се дијагностицираат особено кај млади кои имаат бројни сексуални партнери. Епидемиологијата варира помеѓу различни земји, на пример, во Финска една третина од инфекциите се дијагностицирани кај луѓе помлади од 20 години.
Асимптоматските инфекции го стимулираат ширењето на болеста. Времето од инфицирањето до дијагнозата просечно е 4 недели, но може да биде и многу месеци. Кога ќе се постави дијагноза веќе една третина од пациентите имале нова сексуална врска што предизвикува потешкотии во следењето на патот на инфекцијата.
Рани симптоми
Траењето на инкубациониот период на хламидијалната инфекција до појавата на симптомите е една до три недели, т.е. подолго отколку кај гонореата. Околу половина од мажите и повеќето жени се без симптоми.
Доцни симптоми
Кај жените пролонгираната хламидијална инфекција често резултира со ендометритис и салпингитис. Овие состојби не се секогаш со тешки симптоми; пациентот може да има само благо покачена температура и слаба абдоминална болка. Ендометритот може да предизвика и ирегуларни утерини крвавења.
Доцните компликации на екстензивната, а особено рекурентната хламидијална инфекција се оштетување на јајцеводите што предизвикува неплодност и ектопични бремености 2,3.
Кај мажите, хламидијалната инфекција е важен причинител на епидидимитис, додека етиолошкото значење на хламидијата за простатитис е мало. Хламидијалната инфекција може да тригерира развој на реактивен артритис (уроартритис, Reiter–ова болест) и кај мажи и кај жени.
За инфекција со хламидија може само да се посомневаме, но никогаш да дијагностицираме само на основа на симптомите. Хламидијална инфекција може да се детектира со тестови базирани на амплификација на нуклеинска киселина. Денес, хламидија и гонореа може да се анализираат на ист примерок ако е потребно.
Секој лекар кој третира пациенти со хламидијална инфекција е задолжен и да ги бара сексуалните контакти на неговите пациенти. Лекарот треба да го испита односниот пациент дали изворот на инфектот и останатите потенцијално инфицирани лица се тестирани и третирани како што е потребно. Ако се побара, лекарот може да го префрли скринингот на сексуалните партнери кај лекар одговорен за преносливи болести.