Цистите во јајчниците може да бидат бенигни или малигни. Иако не постои прецизно докажана причини за нивната појава, сепак има поголем број ризик фактори кои упатуваат на тоа. Меѓу нив се возраста – жени во менопауза, жени кои не родиле и не доеле, хормонска терапија, прекумерна тежина, пушење, семејна историја на болеста.
Цистите претставуваат ќесички исполнети со течност. Постојат различни видови на цисти, од кои најчести се функционалните цисти кои се создаваат за време на овулацијата (со растењето на фоликулите). Други видови цисти вклучуваат: Синдром на полицистични јајници – многубројни помали цистични формации на јајчниците; ендометриоза, цисти кои содржат дел од ткивото на матката; цистоаденом, цисти кои се создаваат од клетките кои го покриваат надворешниот дел на јајчниците: дермоидни цисти – вид на цисти кои содржат и друго ткиво како на пример влакна, коса, заби и сл.
Цистите често не даваат јасни симптоми и се откриваат при рутински гинеколошки преглед. Симптомите се јавуваат доколку цистата прсне, крвави или ротира.
Симптоми кои упатуваат на циста на јајници се болка или надуеност на стомакот, болни сексуални односи, болен менструален циклус, тапа болка во долниот дел на грбот, тешкотии при мокрење или честа потреба за мокрење, како и мачини и повраќање.
Најголемиот број цисти поминуваат сами од себе, потребно е само да се следат за да се увидат евентуални промени на цистата. Хируршки, цистите се отстрануваат само ако растат, предизвикуваат болка… Цистата може да се отстрани лапароскопски, со мал рез, кога станува збор за помали цисти, а со класична операција се отстрануваат големи цисти како и тумори на јајчникот. Доколку цисти се малигни, во зависност од состојбата хирургот може да отстрани и дел од јајчникот, матката тубите и сл.
Третманот на малигните тумори доколку е потребно вклучува и хемотерапија и зрачна терапија.