Иако како термин за породување се зема 40-та гестациска недела, најголемиот број бремености траат 38-42 седмици. Предвремено породување значи секое породување што настанало пред комплетна 37 недела.
Предвременото породување е компликација врз која често пати може да се влијае со правилно и редовно контролирање на бременоста. На светско ниво предвремено родени се околу 10% од бебињата, а и во Македонија тој процент се движи во релативно истите граници и е некаде околу 11 отсто.
Статистиката во светски рамки покажува дека број еден ризици се зголемениот крвен притисок, инфекции, како и вродените аномалии на матката кај мајките.
Предвременото породување со себе си носи разни компликации, зависно од тоа во кој стадиум на бременоста се случило. Често пати доведува до проблеми во понатамошниот раст и развој на детето или до смрт на бебето. Доколку дојде до предвремено породување после 34 седмица, шансите за долготрајни последици се многу помали.
Иако постојат ризични групи кај кои предвременото породување е почесто и треба внимателно да се следат, сепак половина од жените кај кои се случува предвремено породување не спаѓаат во овие групи.
За ризични групи се сметаат жени кои претходно веќе имале предвремено породување, жени бремени со близнаци, тројки итн., како и бремени кои имаат некаков проблем со матката или со цервиксот на матката, зачнување со ин витро фертилизација.
Предвременото породување е многу комплексно прашање и сите можни причини не е можно да се утврдат. Сепак, како ризик фактори се потенцираат пушењето, пиењето алкохол или употреба на дроги, напорна работа, стрес, физичко или психичко домашно насилство.
Причини за предвремено породување се постоење хронични болести пред почнување на бременоста, како покачен крвен притисок, дијабетес и други хронични болести. Некои од тие болести може да се јават и во текот на бременоста, но се ризик фактор за предвреме да заврши бременоста. Нередовните контроли во текот на бременоста може да доведат до пропуштање на можна инфекција во урогениталниот тракт, која може да биде клучна за породувањето да почне пред терминот.
Возраста не е незанемарлива за ризикот од предвремени породувања, па затоа како ризично жени во таа категорија се сметаат помладите од 18 години или зачнувањето по 35-годишна возраст.
Иако понекогаш предвременото породување не може да се спречи, сепак редовното одење на пренаталните контроли е мошне важно.