ДОЈДЕ ВРЕМЕ ЗА ПОРОДУВАЊЕ
Зачестеност на контракциите на 5 до 10 минути, во траење и до една минута започнува во горниот дел од стомакот, болки во грбот, колковите и долниот дел од стомакот и тоа чувство се пренесува напред или, пак, пукање на воденикот – ова се сигурни знаци дека породувањето почнало. Како што се приближува раѓањето, контракциите стануваат се посилни и поболни.
Тоа, секако, не е причина за грижа или за паника, бидејќи доколку сте прибрани и ги следите упатствата од лекарот и акушерката, ова може да биде најубавиот момент во вашиот живот.
Затоа психичките подготовки се од пресудно значење за одење на трудницата во родилиште и даваат печат на самиот чин на раѓање, бидејќи амбиентот во кој доаѓа бебето треба да е најсличен на оној од кој доаѓа – мирно, стабилно и топло, без стрес и тензија.
Кај пациентките кои раѓаат првпат, често се случува породувањето да трае подолго отколку кај второротките, главно неколку часа. Затоа нема место за брзање или паника, дури и кога воденикот ќе пукне. Но, бремената жена треба веднаш да се подготви, без пакување на непотребни работи за прием во родилиштето.
При приемот, во предродилна сала, најважна е соработката на трудницата со акушерката. Трудницата треба да ги следи упатствата на акушерката за начинот на дишење и издишување, и воопшто сите насоки и инструкции кои акушерката ќе и ги даде. Кога трудницата ќе биде однесена на еден од петте бокса, започнува процесот на породување.
Имајте предвид дека вистинските контракции се разликуваат од лажните. Вистинските контракции стануваат се почести и посилни, се јавуваат на одредени временски интервали и времето помеѓу две контракции постепено се скратува, не запираат дури и ако ја промените положбата на вашето тело. Лажните контракции се јавуваат без временски редослед и најчесто ако ја промените положбата, на пример ако се придвижите или легнете, целосно може да исчезнат.
За да утврдите за какви контракции станува збор, мерете го времето помеѓу две контракции. Ако се јавуваат на одреден временски интервал или тој се скратува, се работи за породилни болки. Ако не сте сигури подобро да отидете во болница за да се осигурате, па макар и да се работело за лажни болки и да бидете вратени дома. Секогаш е подобро да изберете да бидете на сигурно.
Породувањето се одвива во 4 фази. Првата фаза трае од 12-19 часа.
Втората фаза е фазата кога всушност бебето ќе се роди. Оваа фаза обично трае 1-2 часа. Во третата фаза плацентата преку која бебето се хранеше, се исфрла надвор од телото на мајката. Оваа е најкратката фаза и обично се случува 5-30 мин после раѓањето на бебето. Последната, четврта фаза, пациентакта после породување останува два часа на бокс за да се опсервира нејзината состојба после раѓање.
И немојте да се изненадите, бебињата кога се раѓаат не се преслатки и не изгледаат како на фотошопираните фотографии.
Процедура за прием во болница
Ако дојдете во родилиштето од 7 до 14 часот, треба да се јавите на шалтерот за информации од каде ќе ве упатат да се јавите во амбулантите со број 36 и 37. Доколку имате силни контракции, интензивни болки и пукнат воденик, ќе ве упатат во ургентна амбуланта, каде ќе ве прегледа гинеколог.
Таму ќе ги дадете своите податоци, за да се регистрирате за прием во родилиштето. Во истата амбуланта ќе добиете болничка ноќница и во влечките кои сте ги понеле од дома ќе се упатите кон предродилна сала. Во овој блок се наоѓаат сали за раѓање, а пред влез во салата се земаат карлични мерки, се дава клизма, се бричат гениталиите, се прави ултразвучен преглед и ЦТГ, за да се утврди дали сте и кога сте подготвени за породување.
Ако почувствувате силни контракции или воденикот ви пукне после 14 часот или во текот на ноќта, треба веднаш да се јавите во приемна амбуланта. Во таа амбуланта ќе се регистрирате за прием, ќе бидете прегледани и ќе се облечете за да продолжите во породилниот блок. Ако не е почнато раѓањето, пациентката ќе биде сместена на одделението за патолошка бременост, каде може да остане и неколку дена. Ако раѓањето е тргнато, приемот на пациентката е во родилна сала.
При приемот задолжително е носење на документ за вашата крвна група, RH фактор, влошки по можност со мрежа и влечки.
Ако во текот на бременоста пациентката имала некакви здравствени проблемни или дијагноза, задолжително треба да ги понесе резултатите од испитувањата.
При приемот во родилна сала, задолжително е земање на крвна слика, по потреба комплетна лабораторија и примерок од урина.
Во случај пациентката да има регуларни контракции, а наодот не напредува, лекар одлучува дали пациентката ќе добие спинална или епидурална анестезија.
Доколку ЦТГ не е реактивно или ако плодовата вода е меконијална (заматена), или, пак, плодот не се спушта, раѓањето се завршува со царски рез.
Спонтано породените, ако новороденото е добро, по најмалку 24 часа по породувањето се отпуштаат од ГАК, а родилките со царски рез остануваат во болница 3 до 4 дена, во зависност од клиничката слика на мајката и на новороденото. Здравите бебиња во текот на престојот во болницата, се со своите мајки.
По излегувањето од болница, патронажната служба ќе ги посети родилката и бебето, ќе ви помогне за бањање на бебето, обработка на папченикот, нега на дојките и епизиотомијата, а ќе ви даде одговор и на прашањата и дилемите кои ги имате околу бебето и вашето заздравување.