Со формирањето на Медицинскиот факултет на 17.03.1947 година и со уредбата бр. 7656 од 17.03.1947 година Гинеколошко-акушерското одделение при Земската болница во Скопје, се преименува во Клиника за гинекологија и акушерство. Таа беше сместена во зградата на Хируршката клиника.
Д-р. Грозда Симитчиева, која која дотогаш беше шеф на Гинеколошко-акушерското одделение при Земската болница е назначена за прв директор на Гинеколошко-акушерската клиника. Покрај неа, во тоа време на Клиниката работеле д-р Андро Стојанов, Проф. д-р Антон Чакмаков и Прим. д-р Христо Кулишев. Од акушерки биле вработени Васка Кантарџиева, Меља Петрова, Лепа Јовановиќ, Драга Коробар, како и две болничарки.
Породилната сала се состоела од 3 кревети, еден акушерски и уште два обични кревета. Покрај неа имало посебна соба за акушерски интервенции, а на влезот се наоѓала амбуланта за прегледи.
Во 1947 година биле извршени 885 раѓања, 100 акушерски и 84 гинеколошки операции, меѓу кои еден царски рез, една тотална хистеректомија и повеќе суптотални хистеректомии. Во 1951 година за редовен професор, шеф на Катедрата и директор на Гинеколошко-акушерската клиника при Медицинскиот факултет е именуван проф. д-р Миленко Бериќ.
ПРЕСЕЛУВАЊЕ НА КЛИНИКАТА
Бидејќи во просториите не постоеле можности да се обезбеди неопходен развиток на Клиниката и да се остварат сите нејзини функции, Клиниката е преселена во зграда во центарот на град Скопје. Кон крајот на 1952 година, поранешната мала Гинеколошко-акушерска клиника на Медицинскиот факултет прерасна во добро организирана здравствена установа со 220 болнички постели, од кои 122 за гинеколошко болни и 98 за бремени жени, како и 90 легла за новородени деца.
По десетгодишна успешна работа, развој и силен подем на сите три основни дејности – здравствената, наставната и научната, за поефикасен равој на Клиниката беше нужно таа да се пресели во просторот на Медицинскиот факултет во старата зграда на Ушната, Очната и Кожната клиника, подигната по Првата светска војна. На зградата се направени големи интервенции за адаптација, проширување и надградба. Со преселувањето Клиниката се здоби со постелен капацитет од 260 до 270 болнички постели и со 100 легла за новородени деца. Во тоа време значително е зајакната кадровската база на Клиниката, со полагањето специјалистички испит по гинекологија и акушерство на 6 клинички лекари, како и со прием на нови бабици, акушерки и друг персонал.
Во периодот по земјотресот дојде до интензивно отворање на Клиниката кон другите институции во Југославија и странство. Се почна со супспецијализација на стручни престои во разни медицински центри во светот: Франција, Германија, Англија, Полска, Италија и сл. Тоа доведе до подигање на општото стручно ниво во работењето на Клиниката, до позначаен трансфер на современи теоретски и практични досигнувања во Гинеколошко-акушерската специјалност, од поразвиените медицински центри на Клиниката, до значајна афирмација на научно-истражувачката работа и до збогатувањето на публицистичката дејност. Истовремено е набавена модерна апратура, меѓу која и првиот кардиотокограф со инфузиона пумпа, модерен pH метар, апрат за ултразвучна дијагностика, нови апарати за ендотрахеална анестезија за цистоскопија, лапараскопија, цистометрија и сл. Воведени се низа нови дијагностички и терапевтски методи во клиничката работа на установата.
ДОГРАДБА НА НОВ ОПЕРАЦИОНЕН БЛОК
Во 1976 година почна доградбата на Клиниката, во рамките на која е изграден современ оперативен блок и простор за сместување на одделот за стерилитет и инферитилите. Новиот оперативен блок имаше три операциони сали, организирана е и опремена современа единица за интензивна нега, со централен довод на гасови, современ апарат за стерилизација и е воведена постојана служба за анестезија и реанимација.
Во јули 1989 година се формира Републички центар за хумана репродукција, како одделение на Клиниката, кој доби бројни задачи за подобрување на здравствената заштита на женската популација во Републиката, како и регистрација на целосната перинатолошка дејност. Програмата за развој на Клиниката основно се усмери кон подигање на нивото на професионалноста, кон побрз развој на врвната медицина, заведување на нови содржини на терцијарната здравствена дејност и надминување на просторната ограниченост. Генерално, развојот на супспецијалистичките служби на Клиниката и понатаму остануваа нејзина главна ориентација.
Високата перинатална смртност, особено на плодови со ниска телесна тежина наложува неонатолошкото одделение на Клиниката да прерасне во Републички неонатолошки центар за врвна заштита на недоносените и оштетени деца, особено на тие со многу мала тежина. Со ова ќе се направи нов скок кон подобрувањето на перинаталниот морталитет.
НОВ, ПОГОЛЕМ И СОВРЕМЕН ОБЈЕКТ
Со текот на времето се појави потреба од нова, поголема и помодерна зграда во која ќе биде сместена Универзитетската клиниката за гинекологија и акушерство. По долгогодишна изградба, конечно новата зграда на клиниката беше пуштена во употреба на 31.05.2011 година, која овозможува најдобри и најсовремени услови за гинекологија во Македонија, онака како што доликува на една здравствена установа од терцијарно ниво.
Новата клиника за гинекологија и акушерство се протега на 2 илјади метри квадратни на пет катови, има два оперативни оддела, со вкупно 32 болнички соби и 197 кревети. Секоја соба е со по шест болнички кревети и санитарен чвор. Оперативниот блок го сочинуваат пет операциски сали, од кои две гинеколошки сали, една лапароскопска, една акушерска сала и една антисептична сала. Родилните сали бројат шест породилни бокса. Во рамки на родилните сали влегува и предродилна просторија. Акушерскиот оддел (пуерпериум) има вкупно 20 болнички соби вкличувајќи ги и три вип-апартмани, а секоја секоја соба е со по два болнички кревета и санитарен чвор. Детскиот одделот за интезивна нега и терапија згрижува вкупно 30 новородени во инкубатори, кои дел од нив се на машина за респираторна вентилација и постинтезивен дел каде се згрижуваат 30 новородени. Во рамки на родилниот дел е сместена прединтезивната нега за трудници која згрижува осум трудници со ризична бременост.
Одделот за анестезија реанимација и интезивно лекување се состои од три соби за интензивна нега од кои едната е наменета за згрижување на осум пациентки на кои им е извршен оперативен зафат, мала соба за интензивна нега каде се згрижуваат пациентки каде им е потребна подолготрајна интезивна нега и уште една во која се згрижуваат пациентки породени со царски рез.
Во рамки на Клиниката функционираат и седум специјалистички амбуланти, биохемиска лабораторија, лабораторија за ХПВ-типизација, цитолошка лабараторија и цитогенетска лабараторија.