Иако бременоста за најголем број жени претставува период на нестрпливо исчекување да се запознае со своето бебе, тоа воедно е и период кога се активираат стравувањата на идната мајка со кои можеби нема раскрстено во претходните фази од животот.

Ако се тргне од максимата „Се пораѓа на начин на кој и живее“, значи дека ако жената е перфекционист и стравува од потенцијални грешки за работите што ги прави, тогаш е многу веројатно дека и во родилната сала ќе влезе со страв дека нешто нема да прави како што треба, на пример нема правилно да дише и да  вложува напор за да му овозможи на бебето да излезе на свет. Ако идната мајка е оптоварена со контрола, многу е веројатно дека ќе настојува сите фази од породувањето да ги знае подобро од лекарите и ќе се плаши нешто да не тргне наопаку.

Приказните кои ги креираат сликите за чинот на породувањето потекнуваат од приказните за сопствените искуства на бабите, мајките, пријателките и тие најчесто се проткаени со негативни елементи па често трудницата слуша за неидржлива болка, за породилни маки, ненадејни компликации…

Поради тоа не е ни чудно што многу жени стравуваат од породување, но така е затоа што малкумина кажуваат дека породувањето е едно од најпрекрасните искуства.

За жал, трудниицата не е свесна дека стравот од породување е присутен поради страв од непознатото па единствен начин да го искорени е внимателно да се запознае со сите фази од тој чин и да заземе активен став кон породувањето низ адекватни подготовки, па затоа е најдобро да тргне на психофизичка подготовка што е во рамки на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство.

Кога бремената жена ќе се запознае со сите моменти кои ја чекаат, од мигот кога ќе почнат контракциите до одењето во болница и во родилна сала, најголем дел од стравот од породување ќе исчезне, бидејќи ќе спознае што ја чека.

Кога ќе ги научи техниките на дишење ќе знае дека таа и нејзиното бебе заеднички ќе работат за тоа да дојде на свет, наместо пасивно и во страв тоа да се случи само од себе.

Одреден степен на болка, со или без епидурал, ќе почувствува трудницата, но ако на тоа гледа како на составен дел од искуството кое се завршува со земање на своето мало бебе во прегратки, токаш болката нема да се доживува како неподнослива.

Затоа породување треба да се перцепира како настан за паметење, за кој мајката креира сооствена приказна преку активна подготовка и гледајќи се себеси како активен учесник во раѓањето на своето бебе. Додека престојуваат во родилиштето, иста лента со името на мајката, полот и со бројот на бебето ќе носат таа и нејзиното бебе.