ПРАВА И ОБВРСКИ НА ПАЦИЕНТИТЕ НА ЈЗУ УНИВЕРЗИТЕТСКА КЛИНИКА ЗА ГИНЕКОЛОГИЈА И АКУШЕРСТВО

 

Со Законот за заштита на правата на пациентите во користењето на здравствената заштита се уредени должностите на здравствените установи и здравствените работници и соработници, општините и фондот за здравствено осигурување во унапредувањето и заштитата на правата на пациентите, постапката за заштита на правата на пациентите, како и надзорот над спроведувањето на законот. Сите одредби од овој Закон се однесуваат и упатуваат токму на Вашите права и обврски како Наш пациент.

 

Основна цел нам ни е грижата и унапредувањето на Вашето здравје.

 

Основните начела за заштита на правата на пациентите се начелото на хуманост и начелото на достапност.

 

Начелото за хуманост се заснова на:

– почитување на личноста на човекот, како хумано суштество

– почитување на личната самоопределба;

– физичкиот и психичкиот интегритет на личноста, како и сигурноста на човекот;

– почитување на приватноста на личноста;

– хумани (човечки) релации меѓу пациентот, здравствениот работник и здравствениот соработник засновани врз етички и деонтолошки принципи;

– право на искажување на болка и на ослободување од непотребна болка, во согласност со тековното знаење во медицината и

– хумана здравствена заштита на терминално болни.

 

Начелото за достапност се заснова на:

– здравствени услуги што постојано се достапни и пристапни на сите пациенти подеднакво и без дискриминација;

– континуитет на здравствената заштита, вклучувајќи соработка меѓу сите здравствени рабoтници, здравствени соработници и/или здравствени установи што можат да бидат вклучени во целиот процес на третман на одредена состојба или заболување на пациентот;

– праведна и фер постапка за избор/селекција на медицински третман, во услови кога постои можност за избор од страна на здравствените установи на потенцијални пациенти за посебен третман кој е достапен во ограничен обем, при што изборот треба да се заснова на медицински критериуми, без дискриминација;

– избор и промена на здравствен работник и здравствена установа, во рамките на здравствениот систем;

– достапност на служби за домашно лекување, односно служби во заедницата каде што пациентот живее и

– еднаква можност за заштита на правата на сите пациенти на територијата на Република Северна Македонија.

 

Пациентот има право на:

– Учество во одлучувањето

– Информираност

– Одбивање на прием на информација

– Прифаќање и одбивање на определена медицинска интервенција

– Заштита на пациент кој не е способен да даде изјава

– Заштита на правата на пациент над кој се врши научно истражување

– Заштита на правата на пациент вклучен во медицинска настава

– Зафати на човековиот геном

– Пристап кон медицинското досие

– Доверливост

– Одржување на контакти

– Право на самоволно напуштање на здравствена установа

– Право на приватност

Во согласност со позитивните законски прописи важечки за Република Северна Македонија.

 

Должности на пациентите:

Пациентот за време на престојот во здравствената установа е должен, во согласност со состојбата на неговото здравје:

– да се грижи за сопственото здравје;

– да даде вистинити и доволни податоци за својата здравствена состојба согласно со личниот капацитет и информираност;

– да им помага активно на здравствените работници кои му укажуваат здравствена заштита;

– да постапува според советите на здравствените работници за негова нега, третман и рехабилитација;

– да ги почитува правилата за однесување, односно куќниот ред во здравствената установа;

– да прифати ангажман, доколку е тој дел од неговата рехабилитација и ресоцијализација во функција на реактивирање на неговите социјални вештини

– да го почитува професионалното и човечко достоинство на здравствените работници.

 

Пациентите со ментална болест, покрај правата и обврските утврдени со Законот за заштита на правата на пациентите, ги имаат правата и обврските утврдени со Законот за ментално здравје.

 

За преглед на целиот „Закон за заштита на правата на пациентите“, кликнете на следниот ЛИНК.