Првиот преглед на новороденото се прави во првите 30 секунди од раѓањето и опфаќа брза процена на дишењето, работата на срцето и тонусот, гестациската возраст и родилната маса, како и присуството или отсуството на мајорни или крупни аномалии кај новороденчето. Доколку нема отстапување од нормалниот наод, новороденчето покриено со ќебенце се остава на градите од мајката, се пресекува папочната врвца во периодот помеѓу првата и третата минута и се воспоставува контакт кожа на кожа или т.н. рано кенгурирање уште во родилната или операционата сала во времетраење од 1 до 2 часа.

Првичниот рутински преглед се прави во првите 24 часа од раѓањето и тој е сеопфатен – од глава до прсти, со проверка на сите негови природни отвори, со информирање и прибележување за евентуално присуство на вродени аномалии.

Прегледот се прави внимателно и секогаш кај соблечено или голо бебе во просторија што е тивка, добро осветлена и затоплена, со темелно измиени и затоплени раце за да се превенира ризикот од вкрстени инфекции.

Во текот на прегледот се прави процена на севкупниот изглед и општата состојба на новороденчето, со посебен осврт на тонусот, бојата на кожата, будноста и карактерот на плачот.

 

Главен чекор во рутинскиот преглед на новороденчето е процената на неговата зрелост, односно дали станува збор за новороденче родено во термин или матурно, зрело новороденче (на возраст од 37 до 42 гестациски недели) или за предвремено родено, незрело новороденче или прематурус (на возраст помала од 37 гестациски недели).

Потоа кај новороденчето се мерат димензиите од типот на должина, обем на гради, граден кош и родилната маса, се бележат во табелата за раст и по нив се одредува дали новороденчето има соодветни, поголеми или помали димензии и родилна маса, кои отстапуваат од оние за гестациската возраст на новороденчето.

Од оваа процена зависи типот на грижа што ќе се укаже на новороденчето, па така позрелите новороденчиња и со поголема родилна маса заедно со своите мајки престојуваат во rooming in системот, додека оние понезрелите, со мала родилна маса, имаат потреба од друг тип на грижа, па се сместуваат во одделенијата за специјална или интензивна нега и третман.

Првото бањање на новороденчето се одложува 24 часа од раѓањето. Доколку се инсистира тоа да се направи од религиозни причини, потребно е да се одложи барем во првите 6 часа. Се избегнува цврсто повивање на новороденчето. Новороденчето треба да биде лесно облечено, со капче на главата и чорапчиња на стапалата, бенкичка и шпилхозни и без потребна индикација да не се одделува од мајката.

 

По првичниот рутински преглед, кај новороденчето се задолжителни уште најмалку 3 последователни прегледи, од кои еден при испис од родилиштето, на возраст од 48 до 72 часа, и уште два кај матичниот педијатар, еден на возраст од 7 до 14 дена, а другиот на возраст од 42 дена или 6 недели по раѓањето.