Бременоста е период во кој се развиваат инфекции поради промена на имунолошкиот систем. Од тука, на сите трудници им се препорачува да направат вагинален и цервикален брис, а ако пациентката има и други проблеми од типот на појачан секрет, се препорачуваат дополнителни брисеви на уреоплазма, микроплазма и кламидија.

Инфекциите во бременоста се сериозни затоа што може да предизвикаат спонтан абортус или предвремено породување.

Постојат два вида тестови – дијагностички и скрининг. Дијагностички се оние кои се однесуваат на земање брисеви и амниоцинтеза и многу се веродостојни во откривањето на одредени дефекти. Скрининг тестовите, ултразвук и земање крв и мокрача за анализа, помагаат во откривањето на знаци за можните абнормалности. Во текот на бременоста нужноста да се направат ултразвучни прегледи во точно одредени периоди е поради тоа што тие помагаат во следење на развојот на детето и ќе се има увид во одредени евентуални аномалии.

При првата контрола, кога жената се сомнева дека е бремена, со ултразвучен преглед познат како ЕХО се утврдува бременост во матката, присуство на вијабилен плод, како и степенот на бременост, т.е. дали тој се совпаѓа со датумот на последниот циклус. Се утврдува и дали се работи за повеќеплодова бременост. Исто така, гинекологот проверува дали има присуство на цистични формации аднексално, т.е. дали има бременост надвор од матката.

Тоа значи дека првиот тест кој го правите е тест за утврдување бременост, после кој следи гинеколошки преглед.

Веднаш потоа следи ултразвучен преглед, кој до 8 – 9-та недела се прави вагинално, а потоа преку стомакот. Во зависност од тоа за каква бременост станува збор, прегледите ќе се прават уште 4- 5 пати во тек на бременоста, заедно со лабораториските анализи.

 

Контролниот преглед во 12-та недела е многу важен, бидејќи тогаш се прави т.н. Double тест- ултразвучен преглед и лабораториска анализа на крвта со која се проценува дали постои ризик од Даунов синдром, се испитуваат хромозомите кај бебето, евентуалните аномалии на срцето, дали постои носна коска, наборите на вратот и др. По потреба по овој тест се прави и Triple тест (по 15та недела). Тој ја открива веројатноста од присуство на даунов или Едвардов синдром т.е хромозомски аномалии. Овој вид тестирање се прави кај трудници над 37 години, или доколку имало слични проблеми со претходното дете или во блиското семејство е родено дете со хромозомско пореметување.

 

Во периодот околу 5- 6 ти месец, анатомијата на органите кај бебето може да се види на ултразвучен преглед. Секој понатамошен преглед е со цел следење на растот и развојот на бебето, но и вашето здравје. По 34-та недела се земаат брисеви и се вршат подготовки за породувањето.

Вообичаено еднаш месечно се прават лабораториски анализи на крвта и урината, a при секој преглед на трудницата се мери телесната тежина и крвниот притисок.

Плодовата вода до 38. недела од бременоста е целосно проѕирна, а како се ближи до терминот станува млечна, што ја означува зрелоста на фетусот.

Постапката на земање брисеви е безболна.