Дури и ако нема никакви симптоми или тегоби, жената треба да посети гинеколог барем најмалку еднаш годишно, токму поради грижа за сопственото здравје. Редовните превентивни гинеколошки прегледи се од непроценлива важност за правовремено откривање на разни заболувања, пред се канцер на матката и јајниците, но и за бројни инфективни и полово преносливи болести.
Првиот гинеколошки преглед се препорачува да се направи по добивањето на менструалниот циклус, а особено се важни редовните гинеколошки прегледи пред и по започнување со сексуалниот живот. На овој начин, секоја жена навремено ќе се информира за можните сексуално преносливи болести, несаканата бременост, патолошките промени на грлото на матката, но и за превенцијата од посериозни дијагнози.
Се препорачува и превентивен гинеколошки преглед со ултразвук, земање на брис за ПАП-тест, што е едноставна и брза метода со која се откриваат инфекции, но и раните знаци на рак на грло на матка.