Дури и ако нема никакви симптоми или тегоби, жената треба да посети гинеколог барем најмалку еднаш годишно, токму поради грижа за сопственото здравје. Редовните превентивни гинеколошки прегледи се од непроценлива важност за правовремено откривање на разни заболувања, пред се канцер на матката и јајниците, но и за бројни инфективни и полово преносливи болести.

Првиот гинеколошки преглед се препорачува да се направи по добивањето на менструалниот циклус, а особено се важни редовните гинеколошки прегледи пред и по започнување со сексуалниот живот. На овој начин, секоја жена навремено ќе се информира за можните сексуално преносливи болести, несаканата бременост, патолошките промени на грлото на матката, но и за превенцијата од посериозни дијагнози.

Се препорачува и превентивен гинеколошки преглед со ултразвук, земање на брис за ПАП-тест, што е едноставна и брза метода со која се откриваат инфекции, но и раните знаци на рак на грло на матка.

Гинеколошкиот преглед се состои од преглед под спекулум, каде се гледа дали постојат одредени промени на внатрешните и на надворешните полови органи. Може да се направи и колкоскопски преглед, да се земе бриз за Папаниколау тест (ПАП), бактериолошки анализи, вирулошки аначизи и анализи за присусутво на габични инфекции

Гинеколозите препорачуваат жените да прават еднаш годишно и преглед со ултразвук, без разлика дали чувствуваат некои промени. Со ваков пристап, гинекологот ја одредува величината и положбата на матката, дебелината на ендометриумот, евентуалото присуство на миоматозни промени, големината и положбата на јајниците, присуство  на фоликули и состојбата на јајцеводите.

Жената треба да биде свесна дека со рутинските превентивни прегледи сите евентуални промени или нарушувања би се детектирале навремено, со што и полесно би се санирале. Со рутинските прегледи кај гинеколог се намалува бројот на заболени од карцином на грлото на матката, а раното откривање на промени на репродуктивните органи на жената се лекува со висок степен на успех.