Магичен момент со силна емоција, плачење поради бескрајна радост, насмевка, страв, сето тоа ја карактеризира бесценетата прва средба меѓу мајката и нејзиното новородено.
Врската меѓу мајката и бебето се создава во текот на деветте месеци додека бебето се развива во стомакот, а колку таа врска е нераскинлива, зборува и првата средба на мајката и бебето по породувањето.
Бројни истражувања упатуваат на тоа дека бебето прекинува да плаче во мигот кога, откако ќе се роди, конечно ќе дојде во прегратките на својата мајка.
Ако го слушнете бебето да заплаче веднаш по раѓањето, тоа е добар знак затоа што плачењето му помага да се ослободи од вишокот течност, плодова вода, која се уште може да се најде во дишните патишта, во носот и во устата. Но, и да не заплаче во првите секунди, нема место за страв, затоа што тоа ќе го направи со помош на акушерот. Во ретки ситуации кога бебето има проблем со дишењето, на помош доаѓа тимот педијатри за да помогне при продишувањето или при оживувањето.
Бебето во матката со папченик, преку постелката, е поврзано со својата мајка. Низ неа поминуваат крвни садови преку кои бебето ги добива сите хранливи материи и кислород. Откако ќе се роди, бебето почнува да дише само и протокот на крвта се насочува кон белите дробови.