Соработка значајна за пациентите
Организацијата Лулка – Здружение за грижа и едукација на бремени жени, мајки и деца е граѓанска, невладина и непрофитна организација која ги застапува интересите на трудниците, родителите, терминските, предвреме родените и болните новородени и нивните семејства.
Во соработка со невладината организација Лулка, Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство работи на обезбедување на соодветни информации и поддршка за граѓаните во периодот пред забременување, во текот на бременоста, породувањето и доењето.
Во рамки на соработката, заедно со персоналот на клиниката, организацијата Лулка работи на промовирање и обезбедување на подобро и поквалитетно лекување, нега и грижа за парот мајка-бебе, како и обезбедување на подобра комуникација, грижа и поддршка за нивните семејства.
Меморандум за меѓусебна соработка
Соработката помеѓу Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство и организацијата Лулка се заснова на потпишаниот Меморандум за соработка од 17.11.2018 година. Суштината на Меморандумот е заедничката заложба за обезбедување на подобро здравје, соодветна здравствена едукација и поддршка на младите луѓе, трудниците, родилките и новородените со нивните семејства, намалување на бројот на предвремени породувања и секако, намалување на мајчината и новороденечката смртност.
Активности за поддршка и едукација на пациентите
Како резултат на соработката помеѓу ЈЗУ УГАК и организацијата Лулка, во просториите на Клиниката редовно се одржуваат двочасовни едукативни работилници на тема:
- Симулација на породување (наменета за трудници во третото тромесечие од бременоста со нивните партнери)
- Научете како да го доите Вашето бебе (наменета за за трудници во 3. тромесечие од бременоста со партнерите, за мајките кои се породени и за родителите на предвреме родено бебе кои сакаат да ја одржат лактацијата и да го дојат своето новородено по испис од болница)
- Како да започнеме здрава бременост (наменета за млади двојки кои планираат семејство и бременост)
- Следење и превенција на почеток на бременоста (наменета за трудници во 1. и 2. тромесечие од бременоста со нивните партнери)
Овие работилници се бесплатни, а на нив може да присуствуваат сите заинтересирани граѓани, со претходно пријавување во организацијата Лулка, на долунаведените линкови.
Соработката, исто така, вклучува и активности во рамки на Школо за трудници, кое нуди психо-физичка подготовка за породување на трудниците и нивните партнери.
Светски ден на предвременото породување – 17ти Ноември
Одбележувањето на Светскиот ден на предвременото породување 17-ти Ноември е една од одликите на соработката помеѓу ЈЗУ УГАК и организацијата Лулка. Во фокусот на одбележувањето се нашите најмали предвремено родени пациенти – херои и нивните семејства, со кои со задоволство се гледаме и се дружиме на овој за нас значаен ден.
Пријавување за бесплатните едукативни активности
За повеќе информации и пријавување за горенаведените настани и едукативни работилници, обратете се на следните линкови:
Веб-страница на организацијата Лулка – http://lulka.org/index.php/mk/
Facebook страна на организацијата Лулка – https://www.facebook.com/OrganizationLULKA/
Платформа за поддршка на семејствата кои имаат предвреме родено бебе – https://www.facebook.com/PremNova/
или на e-mail: contact@lulka.org
Мисија на организацијата Лулка
Подобрување на условите во кои се раѓаат и живеат децата, преку едукација и поддршка на родителите и на младите пред забременување, во текот на бременоста и по породувањето.
Визија на организацијата Лулка
Општество во кое граѓаните се информирани и свесни за значењето на семејството и потомството, за превентивните мерки за одржување на здравјето пред и во текот на бременоста. Општество во кое сите граѓани, а особено родителите се правилно информирани и знаат како правилно и совесно да се грижат за своите деца, применувајќи ги современите јавно здравствени упатства и доктрини. Општество во кое на граѓаните, особено на младите им е достапно соодветно сексуално образование, а тие се информирани и активно ги користат средствата за заштита од непланирана бременост и сексуално преносливи инфекции. Општество во кое на граѓаните им се достапни центри за ваков тип на едукација и поддршка на локално ниво. Општество во кое законските прописи ги препознаваат и се прилагодени кон специфичните потреби на оваа голема популациона целна група.