Спермограмот или анализата на семенската течност претставува рутунско испитување за проценка на плодност на машкиот партнер. Спермата за анализа се добива со мастурбација. За добивање на ејакулат за анализа не се препорачува сексуален однос затоа што се губи првиот дел од спермата, ниту пак кондоми, кои најчесто содржат спермицидни средства.
За да биде што поверодостоен резултатот од семенската течност, потребно е мажот да се придржува до некои основни правила.
Една од клучните работи пред да дадете примерок од семенската течност е апстиненција од ејакулација која мора да изнесува минимум два, а максимум 7 дена. Затоа, за оптимален период се сметаат 4 дена. По апстиненција од 2 дена во примерокот може да се најдат помал број на сперматозоиди, додека по 7 дена се намалува и нивната подвижност.
Мажот треба да е во добра здравствена состојба, со отсуство на фебрилни епизоди ( > 38˚ C) во последните 45 до 60 дена и да не користи алкохол и цигари во периодот пред анализата. Поради честите варијации на спермограмот се препорачуваат 2 до 3 анализи во рок од 45 дена.
Важно е да се земе комплетниот ејакулат, бидејќи првиот млаз содржи најголема концентрација на сперматозоиди. Примерокот најчесто се зема во лабораторија, а ејакулатот се дава во стерилна чаша.
Ако спермата по договор се носи од дома, тогаш треба да биде донесена во рок од еден час по ејакулацијата и да биде заштитена од можните температурни разлики. Спермата пред да се почне да се анализира, треба да се чува во темен стаклен сад. Иследувањето на ејакулатот се реализира најрано 30 минути до 2 часа по неговото добивање на собна температура. Треба да се избегнува ладење или загревање или чување во метални садови или кондоми, поради опасноста од оштетување. Сперматозоидите се бројат во комора за броење на леукоцити. Броењето е олеснето ако се обои ејакулатот со некоја боја која не ја примаат виталните сперматозоиди, што овозможува лесно да се разликуваат од изумрените.
Ако наодот од спермограмот отстапува од нормалата тогаш се потребни дополнителни анализи како што се миркобиолошката и биохемиската анализа на спермата, пункција или биопсија на тестисите, хормонски анализи, одредување на половиот хроматин и кариотипот, со вклучување на ендокринолог – андролог во поставувањето на дијагноза и третманот.
За да се подобри квалитетот на ејакулата, лекарот може да препише биолошки додатоци кои содржат витамини и амино киселини, вклучувајќи карнитин. Адитиви активно се користат во подготовката за ИВФ и за третман на тешка олигоастенизооспермија.
Спермограм е неопходна студија за да се утврди точна дијагноза и причината за болеста.