АПГАР – ПРВ ТЕСТ ЗА НОВОРОДЕЧЕТО
Оценката за Апгар, таканаречениот апгар тест укажува на брзината и на способноста за прилагодување на новороденчето во услови за живот надвор од матката. Кога бебето ќе се роди, се прави проценка на виталноста по породувањето, која се проценува со методот по Вирџинија Апгар, анестезиолог и првпат бил направен во 1952 година.
Со апгар тестот се проценуваат пет витални показатели: боја на кожа, дишење, срцева акција, тонус на мускулатурата и рефлексен одговор при дразба. Почетните букви од критериумите, на англиски јазик, го даваат името АПГАР: (Appearance: изглед или боја на кожата, Pulse: пулс, Grimace: гримаса или рефлексна раздразливост, Activity: активност или мускулен тонус, Respiration: респирации, односно дишење). Секој показател се оценува со оценка од 0 до 2, а можно е вкупно да се остварат 10 бода.
Проценката се врши после една, а потоа после 5 минути. Кај поголемиот прој новороденчиња доволни се две проценки Апгар во првата и во петтата минута од животот. Понекогаш резултатите од првиот тест се послаби, особено ако бебето е родено прерано, имаат пониски резултати од просечните или ако е породено со вакуум или со форцепс.
Меѓутоа, ако е потребно, во случај кај деца кои не се витални и бараат постапки на оживување, продолжува да се врши проценка по 10, 15 и 20 минути со педијатар. Новороденчињата со низок апгар бараат посебен мониторинг на виталните знаци и лекарски надзор најмалку 24 часа по раѓањето.
Најголем број од виталните новороденчиња имаат
оценка Апгар од 8 до 10.
АПГАР СКОРОВИТЕ СЕ ДОБИВААТ НА СЛЕДНИОТ НАЧИН:
Мускулен тонус: 0 – млитав или нема движења
1 – мала подвижност на екстремитети
2 – активно движење;
Пулс: 0 – нема отчукување на срцето
1 – помалку од 100 отчукувања во минута
2 – најмалку 100 отчукувања во минута;
Рефлекси при дразба: 0 – нема одговор
1 – гримаси во текот на тестот
2 – гримаси, кивање, кашлање;
Боја на кожа: 0 – бледа или сива
1 – розова боја на тело, а сиви раце и нозе
2 – розова боја на цело тело
Дишење: 0 – не дише
1 – слабо плачење, неправилно дишење
2 – добро, силно плачење;